Обвинителството постапува за првата пријава за чаирските дивоградби од скопската градоначалничка

539

Основното јавно обвинителство Скопје започнало постапка за првата пријава за дивоградби во Општина Чаир, од скопската градоначалничка Данела Арсовска. Арсовска ја сподели информацијата за ова на „Фејсбук“.

– Таму веќе се водат уште две постапки, претходно започнати за градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, од кои првата за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај каде што незаконски легализирале со уште еден соучесник – посочува Арсовска.

Се очекува обвинителите да направат проверки на документацијата на Општина Чаир за случаите наведени во пријавата, како и споредба на тие податоци со податоците во други институции, во однос на статусот на посочените градби.

– Очекуваме и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се охрабри да почне да постапува против организираната криминална банда во Општина Чаир, која овозможувала градење, незаконски, на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори, згради што ги запишувале на лица што наводно граделе на 5, 6, 10 и на 11 години, а сега се милионери! – се вели во соопштението од Град Скопје. 

Арсовска веќе најави дека ќе обелодени нови случаи.

– Од понеделник следете нè со 20 нови случаи на криминал – објави таа откако минатата недела достави докази до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за 20 незаконски легализации на дивоградби.

Таа очекува и ОЈО ГОКК да почне да постапува, како што вели, „против организираната криминална банда во Општина Чаир“.

 (А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ