Додека Советот на јавни обвинители ги оценува кандидатурите за републички обвинител, тврдењата за злоупотреби, политички притисоци и за незаконито постапување ја засенуваат постапката. Обвинувањата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу за работењето на СЈО отворија нов фронт во битката за челното место во ЈОРМ и предизвикаа реакции кај обвинители, судии и политички партии
Во екот на изборот на прв човек на државното Јавно обвинителство, јавноста е сведок на обвинувања, навреди, професионални дисквалификации, кои доаѓаат од луѓе во правосудството. Во период кога во Советот на јавни обвинители ги оценуваат кандидатурите на петтемина пријавени, и натаму се актуелни тврдењата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу. Во телевизиско интервју, Кадиу изјави дека обвинителката во поранешното СЈО, а сега кандидатка за шеф на ЈОРМ, Ленче Ристоска, заедно со колегата Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова, на рака, без записник, ги примале „бомбите“ лично од Зоран Заев и Радмила Шеќеринска. Од четворицата споменати, засега единствено ексраководителот на ОЈО Скопје, Бубевски, тврди дека бил клеветен од Кадриу и најави граѓанска тужба доколку не му се извини. Бубевски, кој не ја доби довербата од Советот на јавни обвинители за втор шефовски мандат, истакнува дека сите наводи од поранешната колешка за негово постапување се невистинити.
– Наводите што се однесуваат на моето постапување и на работата на поранешното СЈО се невистинити и креирани со цел да му наштетат на мојот личен и професионален углед, за што веднаш по емисијата иницирав постапка со која побарав од неа извинување за јавно изнесените лаги. Иако сметав дека изнесените клевети не заслужуваат да им се дава јавно внимание, сфаќам дека нашето општество, веројатно, не е доволно отпорно на лаги – пишува Бубевски во своето обраќање до јавноста и нагласува дека во голем дел од ситуациите, како што е предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, тој лично воопшто не бил присутен, за што поседува и докази.
Лејла Кадриу, која стана адвокат откако Советот на јавни обвинители прво ја суспендираше, па ја разреши од тетовското Обвинителство, и порано зборуваше во јавноста за случувањата во поранешното СЈО.
– Гаврил се закануваше дека не може ништо да помине без тој да го парафира и дозволи. Ова го зборуваше пред сите обвинители кога рефериравме за својот предмет. Доаѓаше со четири телефони на маса – зборуваше Кадриу за Бубевски додека беше дел од тимот на Катица Јанева.
– Вистината е дека јас никогаш во мојот живот не сум имал четири мобилни телефони. Додека бев јавен обвинител во СЈО, имав еден телефонски број што го користев цело време додека бев во тоа обвинителство. Од позиција на поранешна јавна обвинителка за чие оддалечување најпрвин од СЈО, а потоа и од редовното обвинителство, причините се многу добро познати во јавнообвинителската организација, каде што се водени и соодветни постапки за одговорност, Кадриу се обидува да го загрози мојот професионален интегритет и да влијае врз моето извршување на јавнообвинителската функција – продолжи во обраќањето актуелниот обвинител во ОЈО Скопје.
Случајно или не, Кадриу во интервјуто кажа дека на актуелниот кандидат за државен обвинител и поранешен претседател на Основниот кривичен суд, Владимир Панчевски, СЈО му го сместило случајот со распределба на судските предмети со цел да биде тргнат од Судот, каде што се процесуираа предметите што произлегоа од прислушуваните разговори. По ова, Панчевски изјави дека ќе бара разрешување на обвинителката Ленче Ристоска.
Без да биде именуван, Панчевски се препознава во последната прес-конференција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од чие седиште секојдневно се обраќаат по тврдењата на Кадриу.
– Доколку некој одреден судија не се однесувал како тимски играч со Катица и СЈО, му се правеле одредени притисоци и закани за да се оттргне пречката, за да можат СЈО и СДСМ ја продолжат својата игра. Токму поради овие работи, поранешен судија и претседател на еден од судовите во Македонија беше осуден на затворска казна – обвинија од владејачката партија.
Негативната кампања што се води при изборот на републички јавен обвинител ја следат и во Советот на јавни обвинители, каде што се оценуваат кандидатурите, но не сакаат да коментираат бидејќи не биле надлежни за тоа.
– Сè што излегува во јавноста нема да влијае при оценувањето –уверува за весникот ВЕЧЕР претседателот Башким Бесими.
Тој најави седница за следната недела, на која треба да се разгледуваат петте кандидатури: на в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, на обвинителките Ристоска и Лидија Раичевиќ, на судијата Ненад Савески и на поранешниот судија Панчевски. Дел од нив веќе јавно кажаа за што ќе се залагаат: професионалност, борба против сериозниот криминал и корупција, отворање граѓански канцеларии, дигитализација. Кандидатурите со оцена ќе се вратат во Владата, каде што потоа ќе се одлучува кој ќе биде предлогот до Собранието. (П. А.)












