среда, јануари 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинителството не верува во „грозјето“, одбраната тврди: Парите се од продадени земја...

Обвинителството не верува во „грозјето“, одбраната тврди: Парите се од продадени земја и трактори

Случај „350.000 евра заѕидани во ѕид“

305

Обвинителството во моментов има докази против судијата Ристов за делата поврзани со непријавен имот и перење пари, кои излегоа од соѕиданата дупка полна со 350.000 евра, во десетина цилиндри од алуминиумска фолија. Засега нема докази дека парите се од рушвет за завршена работа. Одбраната на судијата вели дека ОЈОГООК нема случај, ќе докажува невиност преку купопродажни договори и трансакции од земјиште и трактори. Одбраната ја обжали одлуката за домашен притвор

Не сме убедени во одбраната дека 350.000 евра се од продаденото грозје, како што тврдат родителите на судијата Ѓоко Ристов, брифираат од Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што во моментов имаат докази за две кривични дела: перење пари и противправно стекнување и непријавување имот.

Одбраната на Ристов вели за весникот ВЕЧЕР дека ќе ги докажува потеклото на парите и сопственоста преку купопродажни договори заверени на нотар и преку трансакциски сметки, од продадени седум хектари земја за фотоволтаици и трактори.

Обвинителката што го работи случајот, Искра Хаџи Василева, вели дека до овој момент од истрагата парите не се поврзуваат со примање мито, но тврди дека има сведоци што се охрабруваат и сакаат да зборуваат за тоа.

– Има луѓе што пријавуваат, и во формална и во неформална форма, наводи колку платиле – толку платиле, па имате интересни разговори водени преку телефони, во затвор. Ги охрабрувам луѓето да пријавуваат – кажа обвинителката Хаџи Василева на новинарскиот брифинг посветен на случајот со судијата Ристов.

По два неуспешни обиди, полицијата и Обвинителството, по, како што велат, вкрстувањето на оперативните сознанија, при претресот на третата локација во домот на родителите на судијата во неговото родно Неготино, на еден од кујнските ѕидови, на едно место забележале различна плочка, тазе зацементирана.

– Бевме упорни во потрагата по парите, со рачно тропкање по ѕидовите и опремата со која располагаме, истражителите забележаа поинаков звук. Иако семејството, кое беше присутнo при претресот, негираше дека правело градежен зафат, сепак, една плочка ни падна в очи, беше поразлична од другите. Со мало кршење, оп, излезе дупка во која ги најдовме спакуваните алуминиумски ролни со пари – вели обвинителката.

Извори на ВЕЧЕР зборуваат дека првиот претрес бил пред повеќе од десетина дена, во викендичката на судијата, а потоа било влезено кај неговиот брат. По долгото пребарување во домот на родителите на Ристов, тропањето по ѕидови, во направената дупка бил искористен скенер, кој ги открил парите преку одблесокот од алуминиумската фолија, дознава ВЕЧЕР. На прашањето зошто се парите во ѕидот, според изворите на нашата Редакција, на Обвинителството му било објаснето од безбедносни причини, бидејќи поголем дел од времето не живееле таму.

Обвинителството информираше дека во последниве осум-девет месеци имало наводи дека се практикува поткуп во скопска Апелација. Сепак, пресудна била истрагата за адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен на дело со 20.000 евра, пари според истрагата дадени за подмитување на судија од Апелациониот суд. Неофицијално, крајната сума не била 50.000 евра за замена на затворскиот со домашен притвор за обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот, туку 100.000 евра. Ова било почетната точка Обвинителството да се насрочи кон осомничениот Ристов, кој не бил ставен под посебни истражни мерки.

– Правевме финансиски проверки, тргнавме во потрага по парите. Неговата плата е несразмерна со тоа што го поседувал и не го пријавил – рече Хаџи Василева и се повика на конвенција.

За кривичното дело перење пари што му се става како сомневање, обвинителката рече дека не станува збор тука за класично пуштање во оптек на нелегално стекнати пари, туку дека овој член од КЗ опфаќа и „криење пари“, дел што поретко се применува.

Но, токму ваквото објаснување од ОЈОГООК е спорно за одбраната. Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека делот од пријавата во која се товари Ристов за непријавување стекнат имот, односно во членот од законот во кој се регулира оваа проблематика, „постои двојба“, односно дека судот и судиите не се опфатени во набројаните категории.

Истрагата и натаму ќе трае, но не се открива дали ќе биде проширена и кон други судии. Темелна, прецизна и транспарентна истрага, во која ќе се утврдат сите релевантни факти и околности, како и евентуалната инволвираност на други лица, доколку постои, без селективност и со целосна почит кон законските процедури побараа од Здружението на судии, односно од колегите на судијата Ристов.

– Во случај на докажана корупција, Здружението на судии јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување ги нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем. Таквите појави не смеат и не треба да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат својата функција, а кои претставуваат огромно мнозинство во судството. Во таа насока, Здружението бара целосно почитување и заштита на угледот и достоинството на чесните судии, како и воздржаност од генерализирање, кое дополнително ја поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем – апелираат од Здружението на судии.

Јавноста го познава судијата Ристов по неколку големи случаи од областа на криминалот и корупцијата, како „Шпион“ и „Метастаза“. Од позиција на апелационен судија, донесе одлука за застарување на предметот „Титаник 2“, во кој беше обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Бизнисменот Фијат Цаноски јавно го обвини за судско злосторничко здружување за намерно застарување на случајот ТНТ, за уривање на комплексот „Космос“ во 2011 година. Тој го обвини судијата Ѓоко Ристов од Апелација дека намерно го одолговлекувал случајот.

Кривичните судии судат и носат одлуки во рамките на Кривичниот совет, кој, во зависност од степенот на судот и од видот на кривичното дело, се во состав од двајца или од тројца. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ