Изборот на Анита Тополова-Исајловска за вршител на должноста државен јавен обвинител предизвика силен политички земјотрес. Опозицискиот СДСМ ја обвинува власта дека сака целосна контрола врз Обвинителството иврз судството, додека ВМРО-ДПМНЕ најавува реформи и „неселективна правда“. Одлуката доаѓа по неотповикливата оставка на претходниот обвинител, Љупчо Коцевски.
СДСМ тврди дека изборот на Тополова-Исајловска е доказ за обид да се погребе правосудниот систем и да се заштитат криминалните тендери на власта. Новата обвинителка е позната по барањето да се укине предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, во кој беше обвинет Никола Груевски. Партијата посочува и дека Тополова-Исајловска е сопруга на поранешниот заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Македонија влегува во период на реформи во правосудството. Пратеникот Бране Петрушевски најави дека новите закони, кои ќе стапат на сила во 2026 година, ќе донесат неселективна правда и ќе го исчистат „талогот“ во Обвинителството и во судството.
Во меѓувреме, и покрај јасните најави на Владата дека нема да има зголемување на платите поради слабите оцени и ниската доверба во правосудството, судиите и јавните обвинители, преку Уставниот суд, повторно бараат враќање на повисоките коефициенти за пресметка на личниот доход, што би им донело околу 250 евра плус месечно.
На утрешната седница на Уставниот суд, судиите ќе одлучуваат по две нови иницијативи поднесени од судии и од обвинители, со кои повторно се оспорува намалувањето на нивните коефициенти за плата, направено од Собранието во февруари 2024 година. Тогаш коефициентите беа намалени, во просек, за 0,5 поени, како дел од општото кратење на платите на функционерите, по жестоката реакција на јавноста за зголемувањето од дури 78 отсто во 2023 година.
Ова е втор обид годинава да се оспори истата одлука. Во јануари, по иницијатива на Здружението на обвинители и на Советот на јавни обвинители, Уставниот суд веќе пресече дека намалувањето на коефициентите не претставува мешање во независноста на Обвинителството. Во образложението тогаш стоеше дека јавните обвинители и натаму земаат плата што одговара на нивниот статус и дека не е загрозена нивната материјална сигурност, бидејќи се меѓу најплатените јавни функционери во државата.
Сепак, таа одлука очигледно не била прифатлива за судиите и за обвинителите, кои сега повторно се обидуваат да изнудат ново толкување и враќање на старите, повисоки коефициенти.
Во услови на ниска доверба во правосудството и отворени пораки од Владата е децидна дека нема да има зголемување на платите без реални резултати, новата одлука на Уставниот суд повторно ја става темата за судските плати во центарот на јавноста – меѓу реформите, моралот и притисокот за повеќе пари.(П. А.)












