Македонското Јавно обвинителство е во постојана комуникација со надлежните институции во Србија и веќе има оформено предмет за случајот со заплената на пет тони марихуана, која, според досегашните информации, поминала низ територијата на Македонија.
Од Обвинителството информираат дека уште во петокот биле навремено и целосно известени за настанот и без одлагање презеле активности во рамки на своите законски надлежности. Веднаш била воспоставена интензивна и континуирана комуникација со српските органи, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно расветлување на случајот и идентификување на сите инволвирани лица и евентуални организирани криминални структури.
– Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност- се наведува во писмениот одговор на ОЈО на новинарско прашање.
Во меѓувреме, Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица по заплената на пет тони марихуана во регионот на селото Коњух, во близина на Крушевац, во централна Србија. Според резултатите од истрагата, марихуаната била набавена во јануари годинава на територијата на Македонија и била транспортирана од организирана криминална група која дејствувала на меѓународно ниво.
Српската полиција оваа акција ја оцени како најголема заплена на марихуана во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на меѓу седум и десет милиони евра. Српското обвинителство, во меѓувреме, предложи издавање налог за апсење, вклучително и меѓународен, за Александар Мијајловиќ, кој се сомничи дека е организатор на криминалната група и моментално е во бегство.
Судот во Србија одреди притвор за лицата Н.С., Р.С. и И.Д., осомничени за неовластено производство и ставање во промет на наркотични дроги, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, повторување на кривичното дело, како и поради нарушување на јавниот ред и мир.












