Oбвинителство истражува сообраќајна несреќа во Чаир

64

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, информираа од Основното јавно обвинителство.

„На 9 мај, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, осомничениот по улицата “Џон Кенеди” управувал автомобил “Рено модус”, но не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и ги довел во опасност луѓето.

Непочитувајќи ги надолжните ознаки на коловозот, односно надолжно обележана удвоена бела полна линија, со возилото свртел во лево, без претходно да се увери дека тоа може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот или по имотот. Притоа, не водел сметка за положбата, правецот и за брзината на движењето на возилото, со што преминал на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока и во него удрил мотоцикл „БМВ“ кој се движел по левата сообраќајна лента.

Од ударот мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди и е хоспитализиран.

Со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката, јавниот обвинител на Судот му предложи да определи мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живелиште односно престојувалиште, обврска на осомничениот да се јавува повремено на одредено службено лице, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница, како и одземање на возачка дозвола, односно забрана за нејзино издавање“, се вели во соопштението.

ИЗДВОЕНИ