Обвинителите во Милано истражуваат „снајперски туризам“ за време на војната во Босна и Херцеговина

19

Групи Италијанци и луѓе од други националности, таканаречени „снајперски туристи“, им плаќале големи суми пари на војници кои ѝ припаѓале на војската на Радован Караџиќ, поранешниот водач на босанските Срби, за да бидат транспортирани до ридовите околу Сараево и да пукаат врз населението од задоволство, пишува „Гардијан“.– Немаше политички или религиозни мотиви. Тие беа богати луѓе кои одеа таму за забава и за лично задоволство. Зборуваме за луѓе кои сакаат оружје, а можеби одат на стрелишта или на сафари во Африка, вели писателот Гавацени, по чија тужба почнала истрагата. Тој додава дека имало „многу, многу, многу Италијанци“, а биле вклучени и Германци, Французи, Англичани…

 

Обвинителите во Милано отворија истрага за Италијанци, кои, наводно, им платиле на припадници на војската на босанските Срби за патувања во Сараево за да можат да убиваат граѓани за време на четиригодишната опсада на градот во 1990-тите години. Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени во Сараево од постојано гранатирање и снајперски оган помеѓу 1992 и 1996 година во она што беше најдолгата опсада во модерната историја, откако Босна и Херцеговина прогласи независност од Југославија. Снајперистите беа можеби најстрашниот елемент од животот под опсада во Сараево, град во котлина опкружен со планини бидејќи ги убиваа луѓето на улиците, вклучително и децата, по случаен избор, како да е видеоигра или сафари.

Освен Италијанци, се тврди дека во масакрот учествувале и луѓе од други националности, таканаречени „снајперски туристи“, откако им платиле големи суми пари на војници кои ѝ припаѓале на војската на Радован Караџиќ, поранешниот водач на босанските Срби, за да бидат транспортирани до ридовите околу Сараево каде што можеле да пукаат врз населението од задоволство, пишува „Гардијан“.

Обвинителите од Милано, предводени од Алесандро Гоби, почнаа истрага насочена кон идентификување на вклучените Италијанци по обвинение за доброволно убивање мотивирано од суровост и подмолни мотиви. Истрагата произлезе од тужба поднесена од Ецио Гавацени, писател од Милано кој собрал докази за обвинувањата, како и од извештај испратен до обвинителите од поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ. Гавацени рече дека првпат прочитал извештаи за наводните снајперски туристи во италијанскиот печат во 1990-тите, но дури откако го гледал „Сараево Сафари“, документарец од 2022 година на словенечкиот режисер Миран Зупанич, почнал да истражува. Учесник во документарецот тврди дека групи луѓе од западните земји пукале врз цивилното население од ридовите околу Сараево. Нивните тврдења се жестоко негирани од српските воени ветерани.

– „Сараево Сафари“ беше почетната точка. Почнав преписка со режисерот и оттаму ја проширив мојата истрага сè додека не собрав доволно материјал за да им го презентирам на обвинителите во Милано,  рече Гавацени.

Тој тврди дека наводно биле вклучени „многу, многу, многу Италијанци“, без да даде бројка. „Имало Германци, Французи, Англичани… луѓе од сите западни земји кои платиле големи суми пари за да бидат однесени таму за да пукаат во цивили.“

– Немаше политички или религиозни мотиви. Тие беа богати луѓе кои одеа таму за забава и за лично задоволство. Зборуваме за луѓе кои сакаат оружје, а можеби одат на стрелишта или на сафари во Африка, додава Гавацени, кој тврди дека осомничените Италијанци се среќавале во Трст и патувале до Белград, од каде што војниците на босанските Срби ги придружувале до ридовите на Сараево. „Имало сообраќај на воени туристи кои оделе таму за да пукаат во луѓе“, рече тој. „Јас го нарекувам тоа рамнодушност кон злото.“

Како што наведува „Гардијан“, Гавацени рекол дека идентификувал некои од Италијанците за кои се тврди дека биле вмешани и за кои се очекува да бидат испрашани од обвинителите во наредните недели.

Најпознати смртни случаи од снајперскиот оган се оние на Бошко Бркиќ и на Адмира Исмиќ, двојката со различна вероисповед, чија љубов и смрт се опишани во документарниот филм „Ромео и Јулија во Сараево“. Тие беа убиени од снајперист во 1993 година додека се обидуваа да преминат мост, а нивните тела неколку дена останаа на ничија земја помеѓу позициите на босанските Муслимани и на босанските Срби. Фотографиите што го обиколија светот станаа симбол на нечовечноста на војната. Главната улица што води кон Сараево, булеварот „Меша Селимовиќ“, беше наречена „Снајперска алеја“ бидејќи стана исклучително опасна, но не можеше да се избегне бидејќи беше патот до аеродромот во Сараево. Трамваите и автобусите беа со искршени прозорци, а насекаде имаше знаци за предупредување од снајперисти.

– Доказите собрани по долгата истрага (на Гавацени) се добро поткрепени и би можеле да доведат до сериозна истрага за идентификување на виновниците. Исто така, постои и извештај од поранешната градоначалничка на Сараево, изјави Николa Бригида, адвокат кој му помогна на Гавацени да го подготви овој случај.

Властите во Милано сега ги разгледуваат изјавите на сведоците и документацијата, а во тоа им помага единицата за специјални операции на Карабињерите – РОС. Случајот привлече повторно привлече внимание во Италија, што се совпадна со изложби како што е „Пукање во Сараево“ во Милано, во чест на 30-годишнината од опсадата на Сараево.

ИЗДВОЕНИ