Поранешниот француски претседател Николас Саркози е прогласен за виновен за криминален заговор, во судски процес во кој тој и неговите помошници се обвинети дека склучиле наводен корупциски договор со режимот на починатиот либиски диктатор Моамер Гадафи, за да добијат финансирање на кампањата за претседателските избори во Франција во 2007 година.
На судењето Саркози беше ослободен од три други обвиненија, вклучувајќи пасивна корупција и нелегално финансирање на кампањата.
Според пресудата, во 2005 година кога беше министер за ватрешни работи на Франција се договорил со Гадафи да добие милиони за кампања во замена за поддршка на тогаш изолираната либиска влада на меѓународната сцена.
Обвинителите побараа Саркози да биде осуден на седум години затвор. Тој на судењето негираше вина и се очекува дека веднаш ќе се жали.
Ова беше најголемото судење за корупција со кое се соочи 70-годишниот Саркози, кој беше десничарски претседател на Франција од 2007 до 2012 година. Тој и претходно е осуден за корупција во два одделни случаја: во еден е осуден за корупција и злоупотреба на влијание за нелегален обид да добие услуги од судија, а во друг за прикривање на нелегално прекумерно трошење на претседателските избори во 2012 година, кои ги изгуби од социјалистичкиот кандидат Франсоа Оланд. Саркози поднесе жалба на двете пресуди.