Обвинетите директори на ДЗС: Не сме одговорни за објект што „не постоел“

324

Во судницата во Идризово, обвинетите директори нагласија дека објектот во кој избувна пожарот бил „невидлив“ за институцијата и дека не добиле никаква дојава што би наложила вонредна инспекција. Адвокатите тврдат дека системските пропусти не можат да се припишат на поединци и дека реконструираниот објект во 2025 година фактички претставувал нов правен субјект. Државното Обвинителство смета дека токму изостанатите контроли довеле до руинирање на заштитниот систем, што резултирало со трагедија – 63 загинати и над 200 повредени

Судењето за трагедијата поради пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжи во судницата во КПУ „Идризово“ со воведниот говор на обвинетите ексдиректори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и на нивните бранители.

Актуелниот министер без ресор и поранешен прв човек на Дирекцијата од 2008 до 2017 година, Шабан Салиу, смета дека обвинението е политичка конструкција под притисок на јавноста. Кај себе не гледа одговорност за пожарот во кој животот го загубија 63 млади луѓе, бидејќи инспекција требало да прави Пазарниот инспекторат. Вели дека никогаш, додека бил на функцијата во ДЗС, не пристигнала претставка од инспектори или од граѓани поради загриженост за безбедноста во дискотеката во Кочани, туку напротив, никој во Дирекцијата не знаел дека постои такво кабаре.

– Обвинет сум за евентуална умисла, сум бил свесен, замислете, со години дека ќе има пожар на 16 март. Бог да чува! Тоа не може ни баба Ванѓа да го предвиди, а камоли јас. Барам судењето да биде фер, да не биде под притисок на политиката и на медиумите – побара Салиу од Судот.

Салиу ги отфрли обвинувањата што беа споделени на Анкетната комисија во Собранието, дека доаѓал на судење со службениот автомобил и побара да се почитува презумцијата на невиност. За делото за кое е обвинет, тој кажа дека немал надлежност.

– Сопственикот на угостителски објект, оние технички услови што ги исполнува, ги штиклира во барањето, се потпишува и ги носи до Пазарна, кои ако се сомневале, требало да излезат на терен, да проверат. Ако кабарето не поднело елаборат, како да биде виновна ДЗС кога за нас бил непостоен објектот? Ние не сме детективи за дивоградби и нелегални објекти, надлежноста е кај други – рече Салиу, кој неколкупати во својот воведен збор повтори дека обвинението е политички конструирано.

Бранителот Димитар Дангов рече дека Шабан Салиу не бил дел од процесите за лиценцирање, инспекциските надзори, проверките, даночните контроли. Адвокатот го критикуваше обвинението во правната квалификација, која доаѓа до кривичното дело преку каузален процес.

– Дирекцијата не можела свесно да ги затвори очите пред нешто што не било во нејзина надлежност, објектот бил невидлив за неа. Ако по заминувањето на Шабан дошле уште тројца директори, од каде храброст на ОЈО дека се соизвршители, дали конструкцијата со поврзувањето е непресметан ризик од неуспех на обвинението? Што е виновен прапрапрадедото за нешто што се случило во времето на внукот? – рече адвокатот Дангов.

Тој потенцираше дека директорите на Дирекцијата немаат надлежности за инспекциска служба.

– Надзорот на ДЗС е административна контрола и тој се разликува од инспекцискиот, кој е оперативен. Главниот инспектор не му е подреден на директорот, тој е независен во својата работа. Директорите немале обврска да распоредат инспектори во Кочани – кажа Дангов и заврши дека ОЈО бара одговорност каде што законот не предвидел обврска.

Поранешниот директор на ДЗС, обвинетиот Аднан Џаферовски, во својот воведен збор му порача на Судот да не дозволи една трагедија да се одмазди со друга и да се мисли дека така е задоволена правдата.

– Мене совеста ми е чиста, обвинет сум за несторување со умисла во нефункционален систем во кој бев многу кратко време. Јас не сум очајник што се надева на милост, очекувам чесност и правичност од Судот – кажа Џаферовски.

Неговата адвокатка, Сузана Јошевска-Анастасовска, во воведните зборови порача:

– Да не дозволиме неправедно осудени за мир во куќа, да не дозволиме нови жртви, доста се жртви од „Пулс“. Системски пропусти не можат да се залепат за индивидуално лице. Аднан тука е неосновано обвинет. Градежниот објект што изгоре во 2025 година, во правна смисла не постоел во времето кога бил Аднан Џафероски директор на ДЗС. Објектот во кој настана пожарот е реконструиран во 2025 година, реконструкција во правото значи дека тоа е нов објект, нови ризици, нова безбедносна конфигурација, сè се бара да е ново.

Таа напомена дека „99 % од доказите на Обвинителството се годишните планови и административната работа на ДЗС. Обвинението го товари обвинетиот за пропуштен надзор, но не прави разлика меѓу редовниот и вонредниот надзор. Редовниот надзор го предвидуваат годишните планови, вонреден надзор се прави по дојава, информација или претставка“.

– Ние ќе докажеме дека директорот не пишува планови и не ги оценува, директорот не може да нареди вонредна инспекција без да добие информација, а таква информација нема. Директорот нема надлежност да знае за нелегални објекти, друг има надлежност да затвори нелегални објекти. Нема каузалитет, а без каузалитет нема кривична одговорност – рече Јошевска-Анастасовска.

Обвинението ги опфаќа поранешните директори на ДЗС, бидејќи низ годините не спровеле мерки на следење и инспекциски надзор на дискотеки и на кабареа, не само во неисправната дискотека во Кочани туку и во ниту една друга дискотека или кабаре и друг угостителски објект во Македонија. Со тоа, тие го нарушиле системот на заштита и спасување и ги изложиле граѓаните на опасност од пожари во непроверените објекти, изјави државниот обвинител на прес-конференција.

Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата ДНК, при што загинаа 63 лице, меѓу кои и деца, а над 200 луѓе беа повредени. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ