Тајлер Робинсон (22), кој вчера беше официјално обвинет за атентатот на американскиот патриот Чарли Кирк, го призна убиството во порака што ја оставил за својот цимер и партнер, објави Канцеларијата на американскиот обвинител.
Робинсон, според окружниот обвинител на Јута, оставил порака под тастатурата, која ја пронашол неговиот цимер, на која пишувало: „Имав можност да го елиминирам Чарли Кирк и ќе ја искористам“, пренесува денеска Би-Би-Си.
Цимерот, кој бил и романтичен партнер на обвинетиот, наводно бил вознемирен кога ја пронашол пораката напишана на хартијата, а во последователните текстуални пораки, Робинсон наводно објаснил дека пукал во Кирк затоа што „се наситил од неговата омраза“.
Според обвинението, Робинсон му рекол на својот партнер дека го планирал нападот повеќе од една недела, пренесува Си-Ен-Ен.
Робинсон е обвинет за тешко убиство, кривично дело поседување огнено оружје, попречување на правдата, манипулирање со сведоци и насилно кривично дело во присуство на деца, а вчера се појави преку видео од неговата затворска ќелија за време на неговото прво појавување пред судија во Прово, Јута.
Обвинителите изјавија дека ќе бараат смртна казна за убиството на Кирк, кој беше убиен на 10 септември додека зборуваше на Универзитетот во Јута Вали.
Обвинетиот беше уапсен по 33-часовна потрага и се изјасни за невин за време на испрашувањето.
Сепак, понатамошната истрага откри дека тој испратил детални текстуални пораки до својот партнер во кои ги опишувал своите движења по пукањето и ги споменувал плановите за преземање на пиштолот од местото на настанот.
Истрагата откри дека ДНК на осомничениот е пронајдена на чкрапалото на пиштолот за кој се сомнева дека е употребен во злосторството.
За време на истрагата, исто така, се дозна дека таткото на Робинсон се сомневал дека пиштолот употребен во пукањето му припаѓал на неговиот дедо.
Робинсон, исто така, наводно му наредил на својот партнер да ги избрише пораките и да молчи доколку биде испрашуван од полицијата, што довело до дополнителни обвиненија за манипулирање со сведоци.
Робинсон сè уште не се изјаснил за виновен.