Обвинет вистинскиот газда на обезбедувањето

272

Основното јавно обвинителство поднесе уште едно обвинение поврзано со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“во кој загинаа 62-ца, а околу 200 беа повредени. Обвинет е вистинскиот сопственик на агенцијата Рубикон, Александар.Н. која без договор ја обезбедувале дискотеката за време на концентортот на групата ДНК. Обвинителството по истрагата против него, тврди дека обвинетиот за цело време по катастрофалната несреќа им давал инструкции на обезбедувачите кои биле таа вечер на работа, а еден од нив бил и без лиценца.

– Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлезе дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице, фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице, стои во обвинението против А.Н

Обвинетиот ќе одговара за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност исто како и останатите 34-ца и три фирми. Веројатно е дека ова обвинение ќе биде споено со големото што беше подигнато во јуни, а аза кое сеуште нема одлука за оценка во Кривичниот суд во Скопје.

Обвинителството ги набројува работите што требало, а не ги презел последно обвинетиот и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.

-На критичниот ден, тројца вработени во агенцијата со важечки лиценци за приватно обезбедување и со легитимации на обвинетото правно лице, како и еден обвинет без лиценца за вршење на работи на физичко обезбедување, биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да утврдат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители. Притоа, спротивно на законските обврски, правното лице не изготвило и не доставило План за обезбедување при одржување на јавен ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и не биле ангажирани повеќе работници на обезбедување како што налагале условите во објектот, соопштуваат од ОЈО

Обезбедувачите кои биле ангажирани да ја обезедуваат дискотеката за време на концертот дозволиле да биде внесена пиротехниката која го предизвика пожарот на 16 март. Прскалките ги донела групата ДНК чии голем дел од членовите загинаа во несреќата, а истрагата беше запрена за пејачот Панчо поради неговата здравствена состојба. Не постапиле по Законот за приватно обезбедување и пуштиле голем број на малолетници, а шест од нив загинаа во огнената хаварија.

ОЈО бара од судот продолжување на мерките против обвинетиот газда на Рубикон, односно да остане во домашен притвор со забрани за напуштање на живеалиштето, за комуникација со одредени лица и одземање на патна исправа. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ