На поранешниот француски претседател Никола Саркози му е одемен орденот на Легијата на честа, највисокото француско одликување, откако беше осуден за корупција и злоупотреба на влијание минатата година, пренесе „Бета“.
Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, е вмешан во низа судски случаи откако ја напушти функцијата.
Париски суд во 2021 година, како и апелациски суд во 2023 година, го прогласија за виновен за корупција и злоупотреба на влијание поради обид за поткуп на судија во замена за информации за судски случај во кој бил вклучен.
Тој беше осуден да носи електронска нараквица за следење една година, пресуда што беше потврдена од највисокиот суд во Франција, Касацискиот суд, во декември.
Претходно оваа година, Саркози беше суден по обвинението дека примил милиони долари од Либија за неговата претседателска кампања во 2007 година. Тој ги негира обвинувањата. Обвинителите побараа седум години затвор. Пресудата се очекува во септември.
Саркози стана вториот поранешен шеф на држава на кого му е одземен Орденот на Легијата на честа, највисокото одликување на Франција, по нацистичкиот соработник Филип Петен, кој беше осуден во 1945 година за предавство и заговор со непријателот за неговите постапки како лидер на Вишиевата Франција од 1940 до 1944 година.
Саркози се повлече од јавниот живот во 2017 година, иако останува влијателен во француската конзервативна политика.