Родителите на младите жртви во пожарот пред три месеци доставиле официјално барање за средба до обвинителството во Кочани и сега се разгледуваат можностите да се најде локација во Кочани каде би се остварила средба помеѓу надлежните обвинители за несреќата и семејствата на загинатите во дискотеката, на која би им биле објаснети сите аспекти од поднесеното обвинение, информираат за весникот ВЕЧЕР од Јавното обвинителство.
„Блиските на жртвите кои беа на претходната средба во Обвинителството добија и директен контакт и им беше посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во Обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката“, додаваат од Кабинетот на државниот обвинител, Љупчо Коцевски.
Оваа одлука следува по јавниот апел на родителите на 62 жртви, Обвинителството да им објасни кои лица се обвинети и против кои е запрена постапката. Тие изразија загриженост дека правната терминологија во официјалните соопштенија не им е јасна и дека ништо не може да ја замени личната комуникација.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле. Сега ќе читам, оти во понеделник ова барање ќе го испратиме до Обвинителството“, рече мајката Марија Петрушева, чиј син загина и додаде: „Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“, апелираше Верица Трифунова – мајка на трагично загината млада девојка во пожарот.
Родителите повикаа да се формира и мониторинг служба која ќе го надгледува правниот процес, од обвинителни акти до донесување на судски пресуди. Побараа во целиот процес да се вклучи и Европската Унија. Најавија дека нема да застанат со својата борба сè додека не ги видат, како што рекоа, „вистинските убијци“ изведени пред лицето на правдата.
Опозицијата продолжува со барањето оставки од министерот за полиција, Тошковски и премиерот Мицкоски бидејќи, како што велат, се обиделе да ги заштитат полициските началници од власта кои последно беа опфатени во истрагата која се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Полицијата имала обврска да го затвори објектот кој работел нелегално, а не да спроведува контроли спротивни на оперативните процедури. Понатаму, полицијата била надлежна за безбедноста, имала законска обврска да спречи внес и употреба на пиротехнички средства, што се покажа дека е главна причина за пожарот.
Јасно е дека одговорноста лежи токму во врвот на МВР. Александар Јанев, по закон и хиерархија е кривично одговорен, а Тошковски ја сноси целата политичка и морална одговорност и затоа треба да поднесе оставка. И двајцата мора да се повлечат за да не ја попречуваат истрагата и да не влијаат“, рекоа на прес-конференција од СДСМ. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на премиерот дека ќе молчи на прозивките за случајот Кочани и ќе остави обвинителствата да си ја работат работата, не возврати на опозициските барања. Со став по обвинението и истрагата за Кочани, од опозициската ДУИ велат дека ОЈО е во служба на премиерот. „Затоа премиерот бара одложување за разрешување на државниот обвинител, Љупчо Коцевски, за тој да може да дејствува политички, а не правно. Ја повикуваме меѓународната заедница да ги следи случувањата бидејќи политички се влијае врз институциите“, повика пратеникот Скендер Реџепи. За денеска, пратеничката група на Левица најави дека по трет пат ќе се обиде преку постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните да се одржи собраниска надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Како што најави пратеникот и претседател на Комисијата, Димитар Апасиев, оваа расправа е институционална должност кон граѓаните на Кочани и тест за тоа дали ќе надвладее јавниот интерес или, како што напиша, „теснопартиските криминогени рекетарски шеми“. (П.А.)
Се реновира физикалното одделение во кочанската болница
Од вчера почна реконструкција на одделот на физикална медицина во болницата во Кочани, со што ќе се обезбедат подобри услови за третман и лекување на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“. Градежните работи треба да се завршат за неполн месец, а ќе бидат реконструирани хирургија, гинекологија и неврологија.
„Ќе се реновира нова просторија за ласертерапија, електротерапија и магнетна терапија. Ќе се набават нови апарати кои ќе извршуваат комплетна терапија на еден пациент. Ќе се направи подобар пристап до болницата, ќе се реновираат тоалетите, изјави директорката на кочанската болница, д-р Катерина Мирчовска. Во одморалиштето на МВР на Пониква, од неделава ќе бидат згрижени првата група повредени пациенти, каде физикална терапија ќе добиваат 45 пациенти. Освен терапија, ќе се вклучат и вежби за мускулите бидејќи голем дел од нив поминаа долго време лежејќи во болнички кревети. Повредените кои се наоѓаат во кочанската и штипската болница се во добра состојба, а од вчера требаше да биде пристигната компресивна облека за повредените кои имаат изгореници по рацете, нозете, лицето, вратот и грбот.