Претседателката на антикорупциска  комисија Татјана Димитровска доби обвинение за оддавање на службена тајна, а истрагата покажала дека поседувала безбедносен сертификат кој за неа го полагал колега од Ревизија. Според Обвинителството за гонење организиран криминал, Димитровска, на обвинет во предметот „Адитив“ со месеци му доставувала информации кои биле тајна.

-Преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Вотсап му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК,  одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК, информираат од ОЈО-ГОКК.

Додаваат дека Димитровска која морала да поседува сертификат за чување службена тајна, го добила откако испитот за неа и во нејзино име го положил нејзин колега од Државниот завод за ревизија.

-На истата обвинета и се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, додава ОЈО-ГОКК.

Обвинение има и за ревизорот кој како третообвинет, од службениот електронски уред на ДЗР пристапил од електронската адреса на Димитровска и го положил тестот за класифицирани информации. Врз основа на тој сертификат, таа имала пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна.

За обвинетиот ревизор кој полагал во име на претседателката на ДКСК предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница. За останатите две обвинети опфатени со поднесените обвиненија активни се мерките определени со започнување на постапката против нив.

Истражната постапка беше отворена кон крајот на месец април како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на предметот „Адитив“.

„Обвинетиот, како член на група, вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија  и искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинети правни лица во предметот „Адитив“ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело. На овој начин им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договорите за јавни набавки. Во периодот од месец август 2023 до ноември 2024 година, обвинетиот на сопствената денарска сметка уплатил парични средства во вкупен износ од 408.300 денари, а од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања во вкупен износ од 1.963.800  денари. Иако знаел дека средствата правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство, со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово, со што ги исполнил битијата на кривичните дела кои сега дополнително му се ставаат на товар“, велат од ОЈО-ГОКК. Потоа се додава дека: „Во обвинителниот предлог првообвинетата е службено лице – Раководител на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје која од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице. Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето иако сите податоци, документи, известувања и извештаи согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка“.

 

 

ИЗДВОЕНИ