Наместо парите од партиципација да одат за пациенти, лекови и за работата на болницата – завршувале во џебови и по кафеани. Основното јавно обвинителство – Прилеп поднесе обвинение против осум лица и една фирма за сериозни злоупотреби во прилепската болница, направени во периодот од 2022 до јули 2024 година.
Според истрагата, главна осомничена е поранешната директорка, заедно со уште тројца вработени, кои наводно извлекле 9.605.081 денари или околу 156 илјади евра, преку лажни исплати – пари што биле собрани од граѓаните како партиципација за здравствени услуги.
Како функционирала шемата? Се правеле лажни налози за работа и исплати на рака, како да биле завршени некакви услуги за болницата. Но, за тие исплати немало договори, немало вистински докази, ниту оправдување зошто се трошат парите.
А кога требало да се „покрие трагата“, дел од исплатите се правдале со фискални сметки – не за болнички потреби, туку за гориво, но и за пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња и слаткарници. Со други зборови, наместо за пациенти – се трошело за јадење и пиење.
За да не се забележи што се случува, во болничкиот компјутерски систем, според обвинителството, се внесувале лажни податоци, а старите записи се менувале и „поправале“ за да одговараат на измислените исплати.
Освен тоа, обвинение има и за уште една линија на злоупотреби – овој пат преку фирма за обезбедување. Поранешната директорка, еден обезбедувач, управител и двајца сопственици на фирмата, како и самата агенција, се товарат дека во два наврати направиле договор кој постоел на хартија, но во практиката, не се исполнувал.
Иако обезбедувањето не било како што било договорено, се водела лажна евиденција, а фирмата редовно си ги земала парите. На тој начин, според Обвинителството, фирмата заработила 6.567.538 денари, а болницата била оштетена.
Поранешната директорка дополнително се товари и дека од болничката ставка „храна за болни“ одобрувала исплати кон кафеани, ресторани и продавници, иако тоа не било за пациенти, туку за други потреби. Така, според обвинението, е направена штета од 1.439.987 денари.
Во исто време, се сомничи дека биле исплаќани и неосновани прекувремени часови на селективно избрани вработени, со што буџетот на болницата бил оштетен за уште 1.850.895 денари.
Од Обвинителството велат дека за дел од случајот, истрагата продолжува и понатаму, врз основа на пријава од Финансиската полиција и наоди од Државниот завод за ревизија. (П.А.)












