Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе до Судот обвинение за поранешниот директор на затворот „Скопје“, Филип Андонов викан Сокол, и против неколкумина надзорници и затворски полицајци. Од Обвинителството соопштија дека обвинението е против осуммина, а врз основа на прибраните докази, првообвинетиот, како директор на установата, и двајца полициски службеници, како соизвршители, го сториле продолженото кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, од нив, еден полициски службеник го сторил и кривичното дело несовесно работење во службата, дело за кое се обвинети и другите петмина полициски службеници.
– Осомничените, во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејства, при вршење на своите овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно со судските одлуки не им следувале. Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до своите домови и до други локации за приватни потреби, спротивно на постапката за спроведување лица лишени од слобода надвор од установа – соопштуваат од ОЈОГОКК.
Истрагата беше отворена во февруари годинава, против десет лица, од кои за две постапката беше запрена поради немање докази.