Наставниците по физичко образование од основните училишта во Општина Кисела Вода ќе поминат обука за работа со деца со посебни потреби, која ќе започне во декември.
Овој договор произлезе од средбата на градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, со професор д-р Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, на која било дискутирано за унапредување на можностите и за квалитетот на наставата по физичко образование во основните училишта, како и за важноста на нејзината инклузивност.
Од Општина Кисела Вода информираат дека оваа обука има за цел да обезбеди пристапност, разбирање и соодветен пристап кон секое дете, со што ќе се придонесе кон еднакви можности и поголема интеграција во наставниот процес.
– Ми беше драго што се запознавме со активностите на факултетот и што заеднички можеме да направиме повеќе за здравјето и развојот на децата, особено на оние со попреченост. Со деканот, проф. д-р Неделковски, разговаравме и за други можности за соработка, кои ќе придонесат за зајакнување на спортот и на физичката култура кај најмладите. Во фокусот на мојата работа како градоначалник ќе биде унапредувањето на спортската инфраструктура, но и подобрувањето на наставата по физичко образование, како и обезбедувањето еднакви можности за сите деца, без исклучок – изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.












