УНДП, со финансиска поддршка на Министерството за финансии на Република Словачка, ја поддржува Управата за јавни приходи (УЈП) во подготовките за спроведување на Законот за минимален глобален данок на добивка. За таа цел, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) одржа обука за 25-мина даночни службеници од УЈП.
– Се работи за важна даночна реформа, која ќе придонесе за фер и рамноправно оданочување на меѓународните корпорации и на најголемите компании, а е во согласност со ЕУ-директивите – велат од УНДП.
Законот за минимален глобален данок на добивка беше донесен кон крајот на минатата година, со цел усогласување со Директивата на Советот (ЕУ) 2022/2523 од 14 декември 2022 година и имплементирање на модел-правилата на ОЕЦД против намалување на даночната основа, односно обезбедување глобално минимално ниво на оданочување за групи на мултинационални компании.
Овој Закон се однесува на оние групи на мултинационални компании и на оние големи домашни групи што на консолидирана основа оствариле повеќе од 750 милиони евра приходи во две од претходните четири години. Со овој Закон ќе бидат опфатени матичните компании и нивните поврзани субјекти што го исполнуваат условот за остварениот праг на приходи.
Проценките велат дека глобалниот минимален данок од 15 % на светско ниво ќе засегне околу 8.000 најголеми мултинационални претпријатија. Земјите од Европската Унија и други ги воведуваат овие правила во домашното законодавство, со примена од 2024 година.