Анкета покажува дека дури 25 % од мигрантите планираат да ја напуштат Германија. Како најчести причини што ги тераат да ја напуштат некогаш ветената земја, мигрантите наведуваат комбинација од лични, економски и од социјални фактори, т.е. чувство на неприфаќање, дискриминација, високи даноци, комплицирана бирократија и политичко незадоволство
Германија веќе не е ветена земја за мигрантите, особено за оние со високо образование. Тоа го потврдуваат и анкетите, но и самите мигранти.
Според истражувањето на Институтот за пазар на трудот (ИАБ), дури 25 % од мигрантите планираат да ја напуштат Германија. Во анкетата учествувале 50.000 мигранти на возраст меѓу 18 и 65 години, претежно високообразовани, успешни луѓе, токму оние што Германија сака да ги задржи за да го одржи потребниот потенцијал на работна сила. Поновите истражувања упатуваат и на тоа дека мигрантите што би сакале да ја напуштат Германија би се преселиле во Швајцарија, САД или во Шпанија, додека бегалците и оние што дошле преку обединување на семејството се помалку склони да емигрираат.
Како причини што ги тераат да ја напуштат некогаш ветената земја, мигрантите наведуваат комбинација од лични, економски и од социјални фактори, т.е. чувство на неприфаќање, дискриминација, високи даноци, комплицирана бирократија и политичко незадоволство.
Јанис Н., родум од грчкиот остров Самос, дошол во Германија кога имал 18 години за да студира градежништво. Го привлекле социјалната правда, еднаквоста и сигурноста во таа земја. Но, како што пишува „Дојче веле“, сега, по 16 години, се вратил во Грција. Вели дека еден момент бил пресуден: клиент не сакал да му плати 100.000 евра за завршена работа. Му рекол дека нема да му дозволи да се збогати во Германија, коментар што го сфатил како јасен знак за нетрпеливост кон неговото потекло.
– На факултет си мрзелив Грк, на работа си корумпиран Грк. Тоа станува токсично – изјави Јанис за „Дојче веле“.
Слична е и приказната на Утку Сен, експерт за сајбер безбедност од Турција. За „Дојче веле“ тој вели дека никогаш не се чувствувал прифатен во Германија и, како Турчин, секогаш имал чувство дека е граѓанин од втор ред. Тој сега работи во Велика Британија, каде што, како што вели, не доживеал дискриминација.
Чувство дека не била прифатена во Германија имала и Каролина Великова од Бугарија, која девет години работела во Бон, како социјален работник.
– Еден ден разговараме, следниот ме игнорираат. Тоа ми беше незамисливо – изјави таа за „Дојче веле“, додавајќи дека не била прифатена, иако беспрекорно зборува германски.
Сега е дома, во Софија и вели дека работи повеќе, заработува помалку, но живее помирно.
– Ни треба повеќе политичко и социјално образование, институции што ќе се борат против расизмот и за пофер даночен систем – коментира Анастасиос Пенолидис, раководител на бегалски камп.
Тој живее во Германија седум години и вели дека даноците за самци без деца се неправедни и демотивирачки, па затоа сериозно размислува да се врати во Грција. Но, сè уште не губи надеж, па вели дека ако има вистински промени, би останал во Германија, каде што сака да основа семејство.
Економистот Кристијан Дастман верува дека јазикот е клучен, но дека проблемите се подлабоки.
– Доколку го спроведевме ова истражување во Велика Британија, резултатите, веројатно, ќе беа слични – вели тој и предупредува дека растечката недоверба кон мигрантите во Германија оди рака под рака со растечката поддршка за крајната десница.