Во периодот на наближувањето на полагањето на матурските испити и во екот на јавната расправа за законот за високо образование на социјалните мрежи, но и на јавните простори, сè почесто се појавуваат огласи со кои за пари се нуди изработка на проектни задачи, магистериуми, докторати… На едно дрво, пред скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, по тротоарот по кој поминува најголемиот дел од учениците, деновиве забележавме и истакната реклама. „Изработка на проектна задача за матура. Цена: 1.000 денари. Можност за попуст од 20 проценти“ – е пораката што ја оставил авторот заедно со својот телефонски број за контакт. Се нудат брзи изработки за само 24 часа, доверливост, квалитет… а надлежните сè уште без конкретна акција за сузбивање на ваквата појава
Доколку обемот на матурската проектна задача е до 15 страници, тогаш ќе треба да платите приближно 800 денари… Ова е одговорот што го добивме вчера откако на една специјализирана страница за изработка на ученички и студентски трудови на социјална мрежа „Фејсбук“ го поставивме прашањето колку би чинела таа услуга за еден матурант. Се гарантира и успешност бидејќи задачите ги пишуваат веќе искусни автори. Но, во периодот кога актуелните матуранти кои ја завршуваат последната година од своето средно образование ги чекаат повеќе испитни искушенија, ова не е единствениот автор што може да се изнајми за пари за да им го олесни овој задолжителен труд на учениците и на нивните родители.
На социјалните мрежи, деновиве, најдовме и други огласи со кои се нудат изработки на проектни задачи за матура. Така, на социјалната мрежа „Инстаграм“ друг автор, исто така, нуди изработка на проектни задачи за матура со слична цена. Истовремено, се ветува изработка во договорен период, доверливост и професионален однос, едноставен начин на плаќање и задоволни клиенти… На трета објавена понуда се нуди брз изработка на трудовите во рок од само 24 часа…
Се нуди и попуст од 20 отсто
На едно дрво, пред скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, по тротоарот по кој поминува најголемиот дел од учениците, деновиве забележавме и истакната реклама.
– Изработка на проектна задача за матура. Цена: 1.000 денари. Можност за попуст од 20 проценти – e пораката што ја оставил авторот заедно со својот телефонски број за контакт.
Бројни примери укажуваат на опасноста дека во претстојното полагање на матурските испити, голем број од учениците може да посегнат по нарачувањето проектни задачи од други лица за пари. Со тоа, практично, ќе се изигра главната цел заради која е воведена ова задолжителна задача – да докажат дека се подготвени самостојно да го продолжат својот личен и професионален живот. А проектната задача која треба да се состои од проучувањето на некој конкретен проблем кој се избира од некој наставен предмет или подрачја, треба да биде изработен самостојно. За жал, не се само проектните задачи нешто што во овој период може да нарача и да се плати со пари за да се дојде до одредена училишна диплома. Напоредно со трудовите наменети за матуранти, во објавите по социјални мрежи се нудат истовремено и семинарски трудови, дипломски и магистерски трудови, но и докторати… А нивната цена е поголема.
„Ние сме тука да ви помогнеме преку стручна изработка на вашите трудови. Предлагаме и теми доколку е потребно, употреба на домашна и странска литература, професионално пишување, во согласност со правилниците. За нарачки и подетални информации контактирајте нè – достапни во секое време…“ – се наведува во една објава на социјалните мрежи.
А цените се нешто поголеми отколку за проектните задачи, но не и недостижни. Па така, за магистериум треба да се плати 100, 200, 300 евра, за докторати 500-600 евра… А колкави се нарачки за пишување трудови не е познато, но искуствата покажуваат дека нарачувањето е мошне раширено. Состојбата е стара и ваква со години, а сега само се повторува. И тоа токму во екот на наближувањето на полагањата на државната и на стручната матура, во периодот кога се води голема расправа околу новопредложениот закон за високо образование, чија доследна примена треба да го подобри рејтингот и угледот на македонското образование во светските рамки.
Се чека на „ѕидот на срамот“
Но, за жал, надлежните никако да се справат со ваквото плагијаторство и со платените туѓи трудови кои потоа се користат како свои со цел да се напредува во кариерата.
Министерката за образование, Весна Јаневска, неодамна изјави дека софтверот преку кој се проверува оригиналноста на трудовите – Плагијати.мк, е застарен, а во план е догодина да се воведе т.н. „ѕид на срамот“, на кој јавно ќе се објавуваат несоодветни трудови. Според неа, на разни универзитети поминуваат магистратури и докторати кои се на ниво на ученички трудови.
–Кога на страниците ќе излезе оглас дека некој пишува магистерска за 300 евра, тоа е работа на полицијата и на инспекцијата. На „ѕидот на срамот“ ќе ги објавуваме оние магистерски трудови и докторати кои се на пониско ниво, а кои поминуваат на некои универзитети и факултети. Мене би ми било срам да ставам потпис на нешто што не е вредно. Има такви луѓе. Кога сè ќе биде јавно, ќе почнат поинаку да се однесуваат, во тоа сум длабоко убедена – кажа таа.
Правните експерти, пак, сметаат дека изработките на дипломски, магистерски, докторски трудови кои се нарачуваат и се плаќаат со пари треба да стане кривично дело. Ова од причина што некој потоа со такви трудови доаѓа до титули и до функции во општеството. (Б. Ѓ.)












