Претседателот на САД, Доналд Трамп, одржа говор на 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Тој зборуваше речиси четири пати подолго од планираното, а неговиот говор беше препознатлив – полн со лични пораки, напади врз климатската наука, критики кон европските земји за миграцијата и купувањето руска енергија и обвинувања против самата организација.
Американскиот претседател Доналд Трамп денес ја критикуваше ОН за тоа што не му помогнале во неговите мировни напори, а неговиот говор беше проникнат со потсмев.
„Двете работи што ги добив од Обединетите нации беа скршен ескалатор и скршен микрофон“, рече Трамп за техничките проблеми што ги имаше денес.
Тој исто така рече дека ОН е „далеку од исполнување на својот потенцијал“.
Во политичкиот дел од својот говор, Трамп рече дека признавањето на палестинска држава би било „награда за злосторствата“ извршени од палестинското движење „Хамас“.
„Тоа би била награда за овие ужасни злосторства, вклучително и оние од 7 октомври (2023 година), дури и додека тие одбиваат да ги ослободат заложниците или да се согласат на прекин на огнот“, рече тој.
Тој посвети голем дел од својот говор на Украина и односот на Европа со Русија. „Неоправдано е што дури и земјите од НАТО не престанаа да увезуваат руска енергија. Вие финансирате војна против себе“, рече тој. Тој додаде дека многу европски земји „одат директно во пеколот“ поради нивната мигрантска политика.
Тој ги обвини европските влади дека продолжуваат да купуваат нафта и гас од Русија, иако ја поддржуваат Украина. „Вие купувате нафта и гас од Русија додека се борите против неа. Срамно е“, рече тој.
Трамп објави дека САД се подготвени да воведат нова рунда царини за Русија доколку не се постигне договор за прекин на војната, но предупреди дека мерките ќе бидат ефикасни само ако европските земји ги усвојат во иста форма.
Споменувајќи ги климатските промени, Трамп оцени дека тоа е „најголемата измама некогаш смислена против целиот свет“ и дека овие промени се „измислени од злонамерни луѓе“.