Објектот „Расадник“ ќе биде готов до крајот на декември

1

Tемелната обнова на култната сала „Расадник“, која долги години беше оставена во руинирана состојба, се одвива со забрзана динамика.

Реконструкцијата треба да заврши до крајот на декември годинава, додека партерното уредување ќе биде завршено во текот на следната година. Ова го констатираа градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска и министерот за спорт, Борко Ристовски, по извршениот увид во градежните активности.

На реконструкцијата, која започна кон крајот на 2024 година, и е финансирана од Министерството за спорт, ѝ претходеше комплексна правна постапка што целосно ја спроведе Општина Кисела Вода, вклучувајќи го и финансирањето и нарачката на проектот за целосна реконструкција.

– Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода, тогаш предводена од мојот претходник Орце Ѓорѓиевски, ја водеше целата постапка, од правната подготовка до изработката на проектот, со што беа обезбедени услови овој процес да започне и успешно да се реализира. Задоволна сум од тоа што го видовме на терен и од степенот на досега извршените работи. Навистина гледаме како се менува приказната, од објект кој со години пропаѓаше и претставуваше срамен пример за негрижа, „Расадник” повторно ќе стане место каде што ќе се собираат граѓаните, ќе се слави спортот и ќе се раѓаат нови спортски имиња, како што беше случај и во минатото. Оваа сала некогаш беше дом на спортскиот клуб „Вардар“ и искрено се надевам дека повторно ќе го добие тој статус, затоа што „Расадник” не е само објект, туку и емоција, традиција и симбол за многу генерации од Кисела Вода –  изјави Стаменкоска-Трајкоска.

Вредноста на реконструкцијата изнесува 120 милиони денари.

ИЗДВОЕНИ