Во Општината е формирана комисија за утврдување на фактичката состојба на куќите, а сопствениците имаат обврска, согласно со Законот за градење, да преземат итни мерки да го означат објектот како опасен за безбедноста на граѓаните и на учесниците во сообраќајот, а доколку е објектот под заштита, тогаш интервенира Управата за заштита на културното наследство
Општина Битола испратила писмено известување до 24 сопственици да ги означат своите куќи како небезбедни, бидејќи постои потенцијална опасност да се урнат или да паднат делови од нив врз коловозот или тротоарите во градот.
Од Општина Битола очекуваат одговор од сопствениците и постапување согласно со законите за градење и за локална самоуправа.
– Упативме писмено известување до сопствениците чии куќи претставуваат потенцијална опасност од рушење или паѓање на делови од фасадата, керамидите и други предмети врз јавна површина, односно коловозот, тротоарите и слично. Очекуваме одговор на писмените известувања до сопственици на 24 објекти, куќи на повеќе локации во Битола. Според теренските информации, некои куќи се празни, сопствениците се иселени во странство или ги напуштиле, но безбедноста на граѓаните не смее да биде загрозена. Уверени сме дека може да се изврши подобро обезбедување, а сопствениците не смее да ги запоставуваат сопствените објекти – нагласија од локалната самоуправа.
Во Општина Битола е формирана комисија за утврдување на фактичката состојба на куќите, а сопствениците имаат обврска, согласно со Законот за градење, да преземат итни мерки да го означат објектот како опасен за безбедноста на граѓаните и на учесниците во сообраќајот, а доколку е објектот под заштита, тогаш интервенира Управата за заштита на културното наследство.
Ќе се градат и реконструираат патишта со средства од вториот повик на Владата
Општина Битола во тековната година, освен своите програми, ќе реализира и проекти одобрени со вториот повик на Владата за изградба и реконструкција на патиштата во населените места во Општината.

– Ќе се изградби коловоз на локалниот пат од селото Барешани до „Свети Меркуриј“, потоа ќе се реконструира коловозот на улиците во Ротино, ќе се изгради коловоз на локалниот пат во селото Раштани, а ќе се реконструираат и улиците во селата Трн и Братиндол. Исто така, ќе се реконструира и коловозот на локалниот пат за селото Горно Ореово – наведуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека се работи за проекти одобрени преку Министерството за транспорт.
– Со ова, и Владата и Општината водат сметка за подобрување на инфраструктурата и во руралните средини – децидни се од локалната самоуправа.












