ИнтерАрт Културниот Центар со голема чест го објавува составот на жирито на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“ – нова и значајна платформа посветена на поддршка, афирмација и професионален развој на младите балетски таленти од земјава. Жирито на натпреварот обединува врвни уметници, педагози и културни претставници со исклучително национално и меѓународно реноме, чие знаење и искуство гарантираат висок уметнички и професионален стандард на ова издание.

Жирито е во состав: Роксан Стојанов прима-балерина на Париската опера; м-р Александра Мијалкова, прима-балерина на Македонскиот балет; Антонио Конфорти, солист на Париска опера, Н.Е. Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, проф. д-р Рисима Рисимкин, кореограф и уметнички директор на натпреварот.

Роксан Стојанов, прима-балерина и Ѕвезда на Балетот на Париската опера е една од најистакнатите балетски уметници на денешницата. Родена во Франција, од мајка Французинка и татко Македонец, Стојанов го започнува својот балетски пат во Скопје, а образованието го продолжува во Брисел и Париз, каде во 2007 година станува дел од Балетската школа на Париската опера. Остварува голем број на главни улоги, меѓу кои во балетите „Дон Кихот“, „Пахита“, „Жизел“ во поставки на Рудолф Нуреев, Кенет МекМилан и други, како и во извонредните совремни дела на Вилијам Форсајт. Во декември 2024 година официјално е прогласена за Ѕвезда на Париската опера по извонредниот настап во балетот „Пахита“. Покрај богатата интернационална кариера, таа активно се залага за поддршка на младите балетски уметници, а натпреварот што го носи нејзиното име претставува нејзин личен и професионален ангажман за создавање трајна културна врска меѓу Франција и Северна Македонија.

М-р Александра Мијалкова, прима-балерина на Македонската опера и балет од 1998 година, е една од најзначајните балетски уметници и педагози во земјава. Мијалкова има исклучително богат сценски репертоар и долгогодишна педагошка кариера. Дипломира на Украинската академија за танц во Киев, а магистрира на Филозофскиот факултет во Скопје во областа на педагогијата. Нејзиниот богат репертоар опфаќа централни улоги во најзначајните класични балети, меѓу кои: „Лебедово езеро“, „Жизел“, „Дон Кихот“, „Рајмонда“, „Кармен“ и многу други дела од класичната и современата балетска литература. Како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, таа го пренесува своето знаење и искуство на младите генерации, оставајќи длабок и траен печат врз националната балетска сцена. Добитничка е на бројни признанија, меѓу кои наградата на Град Скопје „13 Ноември“ и државната награда „Св. Климент Охридски“.

Антонио Конфорти е солист на Балетот на Париската опера и еден од најпрепознатливите уметници на својата генерација. Роден во Италија, образован во Театарот „Сан Карло“ во Неапол и Балетската школа на Париската опера, Конфорти од 2012 година е дел од ансамблот на Париската опера. Неговиот репертоар опфаќа дела од најзначајните класични и современи кореографи, а во 2024 година е добитник на престижната награда „AROP Prize“, со која е потврдена неговата уметничка зрелост и сценска присутност.

Посебна симболична и културна тежина на жирито му дава учеството на Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија. Со богато дипломатско искуство и силна посветеност на културната дипломатија, Амбасадорот активно ја поддржува уметничката и образовната соработка меѓу двете земји, со особен фокус на младите и културата како мост на поврзување.

Рисима Рисимкин е една од највлијателните кореографи и визионери во современиот танц во регионот. Основачка на ИнтерАрт Културниот Центар и Танц Фест Скопје, Рисимкин повеќе од четири децении активно придонесува за развојот и интернационализацијата на македонската танцова сцена. Како професор и доктор на науки, преку работата на Филмска академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде е основач на Катедрите за Современ танц и Балетска педагогија, таа има клучна улога во едукацијата на новите генерации танчери и кореографи. Добитник е на повеќе награди за својата долгогодишна уметничка и образовна работа, а во 2025 година е одликувана со орденот „Витез од редот на уметностите и книжевноста“ на Франција за својот исклучителен придонес во уметноста и културната соработка.

Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“ има за цел да создаде платформа за високи уметнички стандарди, професионална видливост и долгорочна поддршка на младите балетски уметници, позиционирајќи ја Македонија на европската балетска мапа.

ИЗДВОЕНИ