Само неколку месеци по првообјавата, дебитантскиот роман на Благица Каревска, „Во длабочината на моите рани“ доживеа српско издание. Читателите во Србија и сите оние што читаат книжевност во превод на српски јазик ќе имаат можност да прочитаат македонски роман со потресна приказна што ги руши границите меѓу фактот и фикцијата. Како пред македонската, така сега и пред српската читателска публикаима роман од млада македонска авторка што е спој на елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер.

Како што оцени критиката, овој роман не е само поигрување со жанрот, туку е и четиво какво што ретко, читателската публика може да прочита од млад македонски автор, особено ако станува збор за дебитант. Затоа, покрај одгласите на критиката, романот веќе предизвика голем интерес и кај македонските читатели, што беше причина и за интересот да се објави српско издание. Се очекува, романот на Каревска веќе да е предизвик и за српската критика, а пред сѐ за српските читатели, како проза што не дозволува читателот да биде рамнодушен и пасивен, туку со секоја нова страница кај него буди нови емоции и во исто време го поттикнува на активно читње, и тој да се „впушти“ во дејството.

По значајниот интерес на македонските читатели, во „Во длабочината на моите рани“ се препозна  роман во којшто нема класични протагонисти и антагонисти, затоа шо секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот. Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските, и со општеството, и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на уште многу не само на потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневјето. Притоа, си поигрува со местото и времето на случување на дејството – иако некогаш во овој простор во кој живееме сите, а некогаш во просторот во кој патуваат нашите души, всушност, вистинскиот хронотоп на ова дело е онаму каде што упатува и насловот – во длабочината на раните, во длабочината на душата…

Преводот на романот „Во длабочината на моите рани“ на српски јазик е на Ана Николиќ и веќе е достапен пред српските читатели. Вистинска реткост е олку брзо по објавувањето на дебитантски роман да се случи интерес и за негов превод. Наскоро се очекува да биде објавен и нов роман од Каревска што ќе биде продолжение на нејзиното дебитантско дело.

ИЗДВОЕНИ