Објавено фототипно издание на култната „Бели мугри“ од Кочо Рацин; Подарок од академик Горан Калоѓера за македонските читатели

108

Целиот тираж бил подарен за неполни 30 часа по информацијата на социјалните мрежи дека излегува од печат фототип на „Бели мугри“ и дека ќе бидат подарени 400 примероци преку издавачот „Македоника литера“. Поради големиот интерес, „Македоника литера“ деновиве ќе отпечати дополнителен тираж, кој ќе биде достапен за продажба. Ваквиот голем интерес покажува дека, и покрај многуте изданија на оваа култна книга на Рацин, која е една од најпечатените книги на македонски јазик, таа и натаму е многу популарна меѓу македонските читатели и дека е голема почитта за Рацин во Македонија. – Интересирањето за фототипното издание на „Бели мугри“ е над нашите очекувања. Веруваме дека многумина ја имаат „Бели мугри“, но сакаат да го имаат фототипот на оригиналот како спомен и како експонат во домашната библиотека. Тоа покажува колку е култна оваа книга и колку е голем Рацин – вели Нове Цветаноски, главен и одговорен уредник и директор на „Македоника литера“, за весникот ВЕЧЕР

Фототипно издание на првото издание од 1939 година на култната книга на Кочо Рацин „Бели мугри“ е објавено деновиве, од издавачката куќа „Македоника литера“.

Книгата, во тираж од 400 примероци, колку што било печатено и оригиналното издание во 1939 година, во Самобор, Хрватска, е публикувана по иницијатива, со поддршка и како подарок од академик Горан Калоѓера од Хрватска за македонските читатели и почитувачи на делото на Рацин.

Како што соопштија од издавачката куќа, целиот тираж бил подарен за неполни 30 часа по информацијата на социјалните мрежи дека излегува од печат фототип на „Бели мугри“ и дека ќе бидат подарени 400 примероци преку издавачот „Македоника литера“.

– Интересирањето за фототипното издание на „Бели мугри“ е над нашите очекувања. Тоа покажува колку е голем и колкава е почитта кон Рацин кај Македонците. Веруваме дека многумина ја имаат „Бели мугри“, но сакаат да го имаат фототипот на оригиналот како спомен и како експонат во домашната библиотека. Тоа покажува колку е култна оваа книга и колку е голем Рацин – вели Нове Цветаноски, главен и одговорен уредник и директор на „Македоника литера“, за весникот ВЕЧЕР.

Горан Калоѓера е рацинолог, македонист и пријател на Македонија, автор на 25 македонистички книги, меѓу кои и две за Кочо Рацин.

– Го организиравме овој проект со академик Горан Калоѓера од Хрватска и ние сме му благодарни за оваа идеја и за овој гест да им подари фототипен примерок од книгата на своите пријатели и почитувачи во Македонија, односно на читателите на Рацин. Со овој гест, тој уште еднаш ја покажа својата посветеност на Коста Солев Рацин (како рацинолог и како автор и на две книги за Рацин), својата посветеност на македонистиката и својата почит и пријателството кон Македонија – истакнува Цветаноски.

Тој додава и дека Калоѓера е голем борец за историската вистина за Македонија, одличен познавач на книжевната и на културната историја на Македонија во 19 и во 20 век, а со тоа и на националната историја на Македонија. Основач е на Лекторатот за македонски јазик во Риека, на кој има најмногу слушатели од сите македонски лекторати.

Како што најавија од „Македоника литера“, поради големиот интерес, деновиве ќе биде отпечатен дополнителен тираж од книгата, кој ќе биде достапен за продажба.

– Поради големиот интерес за фототипното издание на „Бели мугри“ на Кочо Рацин, веќе ни се јавија некои културни установи од Македонија и нè поканија за промоција на оваа книга, но и на претходната книга на Калоѓера за Рацин, и се надевам дека наскоро, по подолга пауза, ќе дојде во Македонија и заеднички ќе можеме да ги промовираме овие книги. Неговите проекти се значаен придонес во современите македонско-хрватски културни врски и соработка, на што ние сме особено горди, затоа што досега и ние публикувавме повеќе од 40 книги од хрватската литература на македонски јазик. Неговиот придонес е многу поголем и тој е добро познат и многу ценет во Македонија поради придонесите во македонистиката, со сето тоа што го направи за изучувањето на македонските јазик и култура на Универзитетот во Риека, со афирмацијата на македонските јазик и култура и со афирмацијата на Македонија во Хрватска – додава Цветаноски. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ