Објавени детали за средбата Трамп-Путин: „Само едната страна од оваа војна ќе биде таму“

84

Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, објави CNN, повикувајќи се на информирани извори.

„Организаторите заклучија дека единствениот град во огромната земја што може да биде соодветна локација за самитот е Анкориџ. И само воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, која се наоѓа на северната периферија на градот, ги исполнува условите да биде домаќин на историскиот состанок“, објави CNN.

Соговорниците на американската телевизиска станица објаснија дека Белата куќа се надевала дека ќе избегне ситуација во која рускиот претседател и неговата придружба ќе бидат примени во американски воен објект, но Алјаска во моментов е во врвот на туристичката сезона, па затоа не е пронајдена друга соодветна локација за самитот.

Синоќа, Белата куќа објави дека средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи во петок во Анкориџ, Алјаска.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на прес-конференција објави дека претседателот Трамп ќе отпатува во Анкориџ, Алјаска, во петок наутро на билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Ливит додаде дека „не сака да поставува никакви црвени линии“ за Трамп во контекст на преговорите, додавајќи дека Трамп ги повикал Украина и Русија директно да се ангажираат едни со други за хуманитарни прашања.

Таа рече дека средбата Трамп-Путин ќе биде „вежба за слушање за претседателот“ (САД).

„Само едната страна вклучена во оваа војна ќе биде таму, па затоа ова е можност претседателот да стекне подлабоко и подобро разбирање за тоа како, се надеваме, можеме да ја завршиме оваа војна. Тоа ќе биде вежба за слушање за претседателот“, рече Ливит.

Таа наговести дека има планови Трамп да ја посети Русија во иднина.

Трамп претходно рече дека двете завојувани страни ќе мора да отстапат територија за да се стави крај на крвавиот конфликт што трае повеќе од три години.

Кремљ и Белата куќа претходно објавија дека Путин и Трамп ќе се сретнат на Алјаска на 15 август, но точната локација не беше позната до синоќа, пренесува Телеграф.

ИЗДВОЕНИ