Објавена збирката поезија „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска
По претходно објавените три збирки раскази „„Гола“ (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) „Сега би пишувала за… (2022), драмите „Трудници/Тајни“, како и научната студија „Кусиот расказ и сонот“ (2018) Габриела Стојаноска првпат ѝ се објавува на книжевната јавност со поетска книга, збирката песни „Живи рани, мелем песни“.
Збирката „Живи рани, мелем песни“ објавена неодамна во Прилеп со поговор на Сузана Ѓорѓиевска, и корица на Дарко Талески, е поделена во четири циклуси „Интимни“, „Младешки“, „Координати“ и „Хаику-сјај“ пишувани во различни фази од животот на авторката.
Како на докажан автор, виртуоз на кратката прозна форма, не помалку вешта на полето на драмата, есеистиката и книжевната хроника, во овој поетски ракопис Стојаноска собрала шеесетина песни, од кои како што ќе каже самата, „некои се најнови, создадени ова лето две илјади, дваесет и петто, но и постари песни необјавени, сѐ до раните „Младешки“, значи опфаќа триесетина години поетско следење на ритамот на моите животни искуства и промените кои мојот светоглед ги доживеа низ различните фази од мојот личносен развој“.
-Мојата прва објавена стихозбирка претставува еден вид поетски кардиограм, стиховни белешки во кои се збрани отчукувањата и трепетите на моето битие по разни поводи и „без поводи“, од едноставен восхит пред убавината на денот, светот и животот допреболените живи рани кои во песната го најдоа заздравувањето преку творење ред и убавина од хаосот, преку себеприфаќање со сите страни, преку искреното споделување на најинтимните чувства и поврзувањето со другите, вели Стојаноска.
Во поговорот на збирката „Живи рани, мелем песни“, пак, Сузана
Ѓорѓиевска, вели: – За поетскиот ракопис „Живи рани, мелем песни“ на Габриела Стојаноска, кој на јарка виделина вади моќен ткаеж емоции, сефте ќе речам оти е отворање двери, двери низ кои леко е влегувањето, трудно е излегувањето. За едно вакво стихотворење, за еден ’рвеник на реч интимна, соголена, реч – везилка на мајковинското, реч – младешка, уште ќе речам дека е вично кревање кепенци, ширно отворање капаци за да се фрли опул внатре, во излогот на душата, да се фати ритамот на трембетот, на дамарите низ кои тупотат изгори и пламтежи, рими и метафори, љубови. (…) уште ќе речам дека е плод на дарбина која неуморно пакува во стих откршоци ден, ноќ, откршоци утро, неуморно лупи, трие, копа лишаи, огледала, бигори, за да сочини белези на душа читателска, траги какви време не ништи.
За оние кои судат за книгата по напишаното на корицата од филозофот, есеист, рецензент и наставник по граѓанско образование, за збирката поезија „Живи рани, мелем песни“, од прилепчанецот Љупчо Михајлоски ќе прочитате:
„Поезијата на Габриела Стојаноска е длабоко интимна. Може да се чита како исповед или како духовен дневник на една жена која поминала низ возвишените,но и низ земнитеискуства на човечкото доживување. (…) Во збирката Живи рани, мелем песни, се отвораат четири поетски циклуси. Секој циклус носи своја енергија, тон и длабочина, но сите заедно се надоврзуваат во еден заокружен женски универзум во кој љубовта, болката, телото, сеќавањето и зборот се неразделни. (…) Стојаноска не бега од сликите на физичкото, од крвта, од раната, од стравот – тие стануваат симболи на љубовта и продолжувањето.Песните се телесни, но и спиритуални, а секој стих е како допир меѓу земјата и небото (…) извонреден пример на феминистички дискурс на телото, кој не се плаши да зборува за крвта, матката, раѓањето и загубата – не како табуа, туку како извори намоќ и спознавање.
Во времиња кога поезијата често бега од чувството, оваа книга нѐ враќа кон изворот: поезијата е тука да сведочи, да прегрнува и да памети. И токму затоа, песните на Габриела Стојаноска не се само живи рани, туку и мелем песни — искрени, женски, човечки и светли.“
Габриела Стојаноска е прилепска авторка, членка на Друштвото на писателите на Македонија и наставничка по македонски јазик. Долги години беше уредничка на списанието за литература, уметнос ти култура „Стремеж“. Редовно учествува на поетскиот натпревар „Поетски слем Македонија“ во Прилеп.
Дипломи¬рала и магистрирала на Катедрата за oпшта и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет„Блаже Конески“ во Скопје.








![[Интервју] Нина Деан: Силните женски улоги се ретки, публиката заслужува нови лица](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/11/prva-4-218x150.jpg)



