„Раскажани стихови“, со поднаслов „Историја за една љубов“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска е новата поетската книга која деновиве ја објави „Македоника литера“.
Збирката „Раскажани стихови – историја за една љубов“ е љубовна лирика со изразена наративна линија. Поднасловот и симболичните наслови на циклусите – „Раѓање на трепетите. Живот“, „Граници“, „Последици“ – го водат читателот низ еден емотивен пат, низ историјата на една љубов: нејзиното раѓање, будење, траење и згаснување. Книгата содржи близу 80 песни.
-Иако секоја песна функционира како самостојна мотивско-тематска целина, збирката во целост се чита како еден долг лирски наратив – психоемотивна мапа на зрела и свесна љубов. Љубовта овде не е наивна, спонтана или патетична, туку доживеана и испеана од перспектива на жена која знае да чувствува длабоко, но и да се соочи со сопствените граници. Лирскиот субјект не ја доживува љубовта како обврска или принуда, ниту пак крајот како место на конфликт и огорченост. Напротив, дури и по нејзиното прекинување, љубовта останува простор на благодарност, освестување и учење за постоењето. Таа, љубовта, иако изгубена, станува учителка – за животот, за причините да се сака и за вредноста на миговите поминати во среќа. Јазикот на збирката е едноставен, прецизен и стегнат, со внимателен спој на секојдневен говор и архаични изрази. Од идеализација, преку ментален и емотивен раст, саканиот постепено се преобразува – од конкретна личност во космичка фигура, за на крајот да стане најубав спомен. Низ стиховите провејува тивка тага, која не води кон очај, туку кон преобразба во внатрешна сила – сила со која постоењето не го одредуваме преку другиот, туку преку себеси. Ова е книга за љубовта што не нè прави само среќни, туку и свесни – за себе, за љубениот и за вистината на постоењето, кое има свој почеток и свој крај, посочува издавачот.
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по наставниот предмет Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024) и „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025).












