Објавена новелата „Кутриот Дионис“ од романскиот писател Михај Еминеску

23

„Македоника литера“ неодамна ја објави новелата „Кутриот Дионис“ од романскиот класичен писател Михај Еминеску, во преводот од романски јазик е на Ирина Кроткова.

„Кутриот Дионис“ од жанровски аспект претставува комбинација од фантазија, историска фантазија, филозоф­ска фикција, филозофска лирика, сатира. Ова прозно дело, класифицирано од науката за литературата како роман, новела или роман бајка, е либерална интерпретација на современата германска филозофија и на антички мотиви, третирајќи теми како патување низ времето и реинкар­на­ци­ја низ објективот на посткантовскиот идеализам. Централ­ниот лик, фантастичен научник, се движи низ времето и низ просторот, меѓу својот мизерен дом, своето претходно постоење како монах во Молдавија од 15 век и своето постое­ње на повисоко ниво како небесен Зороастер.

„Кутриот Дионис“ на Михај Еминеску е едно од првите фантастични дела во романската литература, првпат објаве­но во 1872 година и е едно од најкарак­те­ристичните фантастични дела во романската литература и еден од последните романтични текстови на еминентниот и највлијате­лен романски поет. Надвор од својот филозофски речник, приказната е интертекстуална почит на Еминеску спрема осноположниците на герман­скиот романтизам (Е. Т. А. Хофман, Новалис) и модерната фран­цуска литература (Теофил Готје). Романската научничка Зое Думитреску-Бушу­ленга ја опишува „големата новела“ на Еминеску како „едно од најубавите и најпосебните дела на европскиот романти­зам“. Луиза Валмарин, италијански филолог, делото на Еминеску го нарекува „единствената филозофска новела создадена од романскиот романтизам“. Меѓу научниците кои ја сметаат приказната првенствено за роман, Еуген Ловинеску го опиша и Дионис како еден од првите и најважните протагонисти на жанрот, каков што се развил во Романија. Историча­рот и критичар Николае Јорга го сметал делото само за „нечитливо, доколку не би била убавината на секој пасус“.

Главниот лик Дионис или Дан, преку употреба на волшебна книга, патува низ времето и низ просторот, со нарушување на природниот поредок на реалноста. Сегаш­носта на Дионис се меша со минатото на Дан, што предиз­викува збунетост кај читателите, но крајот на новелата ја засилува енигмата, ама не ја решава.

Еминеску ја започнува својата приказна за суштината на мислата, замислата и смислата, со размислувања во прво лице за субјективноста, квалитетите, перцепцијата на времето и на физичкиот свет, кој е „сон на нашата душа“. Нараторот потоа открива дека ова е цитат од аматерскиот метафизичар Дионис. Тој го опишува вториот како неуре­ден, но згоден, млад букурештанец, симнат до дното на сиромаштијата и склон на мечтаење. Тој е сирак, роден вонбрачно од мистериозен аристократ и ќерка на свеште­ник. Иако е страстен езотеричар и читател на свети книги, Дионис најмногу е „суеверен атеист“.

Михај Еминеску (родено име Михаил Еминовичи; 1850 – 1889) е романски писател – романтичарски поет, романо­писец и новинар, кој се смета и се слави за највлијателен и најпознат романски поет, како и прв современ поет во романската литература. Неговите дела имале силно влија­ние врз романската култура. Николае Јорга, романски исто­ри­чар, го смета Еминеску за татко на современиот романски јазик, кој влијаел врз романскиот јазик на ист начин како што Шекспир директно влијаел врз англискиот јазик. Еминеску бил прогласен за романски национален поет, не затоа што пишувал во ерата на националната преродба, туку затоа што бил признат како автор од најголемо значење од страна на Романците од сите покраини. Тој дури и денес се смета за национален поет на Романија, Молдавија, како и на Романците што живеат во украинскиот дел на регионот Буковина. Првите песни ги објавил на возраст од 16 години, а на 19 години отпатувал во Виена за да студира. Иако живеел 39 години (неговата смрт се смета за контроверзна и најверојатно починал од труење со жива, со која бил некомпетентно лекуван), неговиот творечки опус е обемен, а ракописите на поетот, кои се состоеле од 46 тома и околу 14.000 страници, во 1902 година се депонирани во Романската академија. Неговите најзначајни дела се поетските книги „Луцифер“, „Ода во античка метрика“, „Страст“, „Имам уште една желба“, „На ѕвездата“ и „Посланија“. Тој често користел метафизички, митолошки и историски теми во своите песни, односно различна тематика – од природа до љубов, од омраза до социјална критика. Поезијата на Еминеску е преведена на повеќе од 60 јазици.

Најголемиот дел од неговиот творечки опус е поетски, објавил три прозни книги, меѓу кои е и новелата „Кутриот Дионис“.

ИЗДВОЕНИ