Формула 1 не е само борба за титулата, туку и спорт во кој вистинските шампиони градат огромни богатства. Возачите кои ја обележаа Формула 1 низ годините, покрај трофеите, можат да се пофалат и со „дебел џеб“, луксузни недвижности и мудри инвестиции.

Списанието „GQ“ објави листа на десетте најбогати возачи на Формула 1 на сите времиња, врз основа на проценетата вредност на нивниот имот. На десеттото место е легендарниот Ален Прост, чие богатство се проценува на 78 милиони фунти. Во еден момент, Прост го држеше рекордот по број на победи на Гран При трки, а тој рекорд беше срушен многу подоцна од Михаел Шумахер. Французинот освои четири шампионски титули, но беше запаметен и по неговото ривалство со Аиртон Сена, кое остави длабока трага во спортот.

Деветтото место му припаѓа на Еди Ирвин, чиј имот изнесува околу 93 милиони фунти. Возачот од Северна Ирска се натпреваруваше во Формула 1 од 1993 до 2002 година, а својот најголем успех го постигна во 1999 година како вицешампион со тимот на Ферари. Покрај спортската кариера, Ирвин изгради исклучително успешен бизнис во секторот за недвижности.

На осмата позиција е Марио Андрети со имот од 101 милион фунти – возач кој освоил титули во Формула 1, Индикар, НАСКАР и бројни други дисциплини. Американецот повторно ќе биде поврзан со Формула 1 преку Кадилак од следната година, како дел од планираниот 11-ти тим на стартната линија.

Седми на листата е Себастијан Фетел, чие богатство изнесува 109 милиони фунти. Фетел беше светски шампион четири пати со Ред Бул, но немаше голем успех со Ферари, иако тој период значително му го наполни џебот. Тој ја заврши кариерата во 2022 година по краток престој во Астон Мартин.

Шестото место го држи Џенсон Батон со 117 милиони фунти. Шампионот од 2009 година имаше профитабилен договор со Мекларен и останува активен денес преку разни деловни потфати и телевизиски ангажмани како аналитичар во Ф1.

Петти на листата е Ники Лауда, чие богатство се проценува на 157 милиони фунти. Покрај неговата возачка кариера, трикратниот светски шампион пишуваше книги, поседуваше и продаваше авиокомпанија и стана инспирација за хит-филмот „Rush“. На четвртото место е Кими Раиконен со неверојатни 143 милиони фунти. Финецот ги заработи своите први големи пари во Ферари, а инвестираше и во недвижности и се испроба во WRC и Наскар, додека денес раководи со мотокрос тим.

„Бронзата“ во оваа конкуренција му припаѓа на Фернандо Алонсо и неговите 204 милиони фунти кои се резултат на долговечноста и постојаното присуство во врвните тимови. Алонсо е двократен шампион, а возеше за Рено, Ферари, Мекларен, Алпин и сега за Астон Мартин.

Второто место му припаѓа на Луис Хамилтон, со богатство од дури 350 милиони фунти. Неговите седум титули го оправдуваат секој мултимилионски договор, а неговиот последен трансфер во Ферари дополнително ја зголеми вредноста на неговото портфолио. Покрај тоа, Хамилтон инвестирал во бројни бизниси, вклучувајќи и сопственички удел во НФЛ тимот Денвер Бронкос.

На самиот врв е големиот Михаел Шумахер. Германската икона сè уште е на врвот на листата со богатство од 472 милиони фунти, благодарение на неговата доминација со Ферари и неговиот статус на еден од најуспешните спортисти на сите времиња. Неговиот статус, маркетиншките договори и долгорочното присуство на врвот на спортот му го обезбедија тронот.

ИЗДВОЕНИ