Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Стилски синтези“ од истанатиот македонски лингвист, книжевен критичар и писател Димитар Пандев. По повеќе објавени книги од областа на стилистиката и општата лингвистика, оваа книга на Пандев претставува обемен труд од областа на македонската стилистика во кој авторот сеопфатно ја обработува теоријата за стилски синтези што ја има поставено Блаже Конески и ја има разгледано од најмалку четири аспекти во одделни свои реферати и статии, објавени во периодот од 1958 г. до 1992 г., задржувајќи се врз придонесот на македонските преродбеници во оформувањето на македонскиот писмен јазик. Оваа теорија од својот претходник Блаже Конески, чекорејќи по неговиот пат, Пандев ја презема приширувајќи го нејзиниот домен и врз современите македонски писатели кои во голема мера придонесле за стабилизација на литературната норма на македонскиот литературен јазик.

Станува збор за капитално дело во кое Пандев од стилистички аспект прецизно ги дефинира стилските синтези кои Конески ги разгледува од аспект на нивното место во историскиот развој на македонскиот писмен јазик и илустративно ги надополнува со примери што лично ги ексцерпира од богата ризница на македонското книжевно наследство.

Интересот на Пандев во „Стилски синтези“, неслучајно е насочен кон современите македонски писатели ‒ полиграфи и полистилисти кои се оствариле во повеќе функционални стилови, не само во уметничколитературниот, туку и во публицистичкиот и научниот и во значителна мера ја збогатиле граматиката и стилистиката на македонскиот јазик токму преку стилски синтези, особено значајни за збогатувањето на категоријалните особености на македонскиот јазик на морфосинтаксички и на лексичко-семантички план. Сето ова во книгата е илустрирано преку престижни примери од делата на македонските полиграфи и полистилисти, со посебен осврт врз стилските особености (синтези) на јазикотворечките лингвисти кои се оствариле како филолози (лингвисти, книжевни историчари), писатели и поети, есеисти и публицисти како што се Блаже Конески, Гане Тодоровски, Васил Иљоски, но и писатели што биле истакнати историографи (Ѓорѓи Абаџиев, Симон Дракул), новинари, публицисти, писатели и поети (Ристо Лазаров, Блаже Минески) како и сценаристи (Борис Бојаџиски). Во тој контекст особено се значајни и заедничките остварувања на дел од македонските писатели кои му се посветиле на филмското сценарио, во кое особено доаѓаат до израз стилските синтези (сценариото на „Денови на искушение“ како резултат на заедничката дејност на Коле Чашуле и Гане Тодоровски).

Своите погледи на проучувањата на Конески, Димитар Пандев ги изложи претходно, во книгата „Времето на Конески“ која во 2021 година ја објави „Матица македонска“, а со оваа книга за првпат во македонската филологија толку продлабочено се продолжува со проучување на една од клучните теории во развојот на литературните јазици, која од историскојазичен и поетички аспект го привлекува вниманието на Блаже Конески, особено по однос на македонскиот XIX век, како и на современата македонска поезија во периодот до седумдесеттите години на минатиот век.

ИЗДВОЕНИ