Кој прекар најмногу би им одговарал на европските метрополи? Одговорот го има вештачката интелигенција, со чија помош е изработена мапа на прекарите на главните градови на државите во Европа, која е објавена на инстаграм-профилот „Форуммапинг“. Идејата на авторот е да ѝ додели на секоја метропола поетска или историска инспирација – краток термин кој, според алгоритмот, најдобро би ја опишал нејзината душа, идентитет и углед.
Скопје, на пример, го има прекарот Град на Статуи, што алудира на нивната голема бројност во македонската метропола. Сараево се појавува како Европски Ерусалим, што произлегува од неговата традиција на коегзистенција на различни религии и култури на мал простор. Загреб е наречен Мала Виена, прекар што произлегува од австроунгарското наследство во архитектурата, културните институции и атмосферата во некои негови делови. Српската метропола Белград вештачката интелигенција ја нарече Бел Феникс, што симболизира град кој, низ векови уништување и војни, безброј пати се издигнал од пепелта и го обновил својот идентитет. Љубљана е Градот Змеј, а Подгорица е Град под Ридот, што совршено одговара на нејзиното вистинско име кое произлегува од локацијата – под (ридот) Горица. Понатаму, Тирана е Град на Боите, Софија, нормално – Град на Мудроста, а Букурешт – Париз на Истокот, како што и онака често се нарекува романската престолнина поради архитектурата слична на париската.
И за вештачката интелигенција Париз останува Град на Светлината, а Рим – Вечниот Град. Лондон, пак, благодарение на познатата магла го добива прекарот – Големиот Смог.
Иако оваа илустрација е од забавен карактер, од коментарите под неа може да се види дека многумина ја сфатиле сериозно, па се задоволни од прекарот на својот град, некои се чудат од каде алгоритмот ја нашол алузијата на нивната метропола, а некои дури и се налутиле. Така, најголема дискусија е развиена околу Берлин. Многу Германци во коментарите велат дека никогаш не чуле некој да го нарекува Сив Град. Холанѓани објаснуваат дека вистинскиот прекар на Амстердам не е Венеција на Северот, туку локалниот термин Мокум. И Романците ја оспоруваат работата на вештачката интелигенција. Велат дека Букурешт не го викаат Париз на Истокот, туку со генерации е познат под називот Мал Париз. Жители на Лисабон велат дека никој досега не го нарекол нивниот град Кралица на Морето, како што е наведен на мапата со прекари, туку вистинскиот синоним му е Град на Седумте Ритчиња, како што стои и во туристичките водичи. Спорат и Русите, кои дадоа најмногу геополитички и историски коментари. Додека некои за Москва го истакнаа добро познатиот епитет Трет Рим, други го наведоа историското име Белокамен Град, а има и такви кои потсетија на модерниот, ироничен прекар Нерабр – град кој „не е растеглив“ без разлика колку нови жители прима. Во некои од коментарите се поставува прашање колку Венеции и Паризи има во Европа, со оглед на тоа што се дел од прекарите на повеќе градови.












