четврток, февруари 12, 2026
Дома СВЕТ Објавена фотографија од убиецот со пушка: Ја убил мајка си, полубратот и...

Објавена фотографија од убиецот со пушка: Ја убил мајка си, полубратот и шест лица во училиштето во Канада

685
screenshot X Jarryd Jäger @JarrydJaeger

Канадската полиција објави детали за масовното пукање во Тамблер Риџ во вторникот, во кое беа убиени осум лица и осомничениот, објави Би-Би-Си.

Осомничен за убиството е трансродовото лице Џеси Ван Рутселар (18), кој прво ги убил својата мајка (39) и полубрат (11) во семејниот дом, а потоа отворил оган во средното училиште.

Шест лица ги загубија животите во училиштето – три 12-годишни ученички, две ученички (12 и 13) и 39-годишен вработен во училиштето, додека најмалку 25 лица беа повредени. Напаѓачот беше пронајден мртов на местото на настанот со самонанесена прострелна рана.

Полицијата добила пријава за пукањето во училиштето во вторник во 13:30 часот по локално време. Во рок од две минути, тие пристигнале на теренот, а околу 15 минути подоцна, биле повикани да интервенираат во куќата на осомничениот. Службениците изјавија дека убиецот го започнал нападот таму, а потоа се упатил кон училиштето. Мотивот сè уште не е познат.

Што е познато за напаѓачот

Властите соопштија дека осомничениот е биолошки роден како маж, но се идентификувал како жена. Патем, ова е поранешен ученик на тоа училиште, кое го напуштил пред четири години. „Џеси е роден биолошки како маж, а пред приближно шест години почнал транзиција во женски пол“, потврди за новинарите заменик-комесарот на Кралската канадска коњичка полиција (RCMP), Двејн Мекдоналд.

Тој додаде дека полицијата во последните години неколку пати дошла во куќата на осомничениот, главно поради повици поврзани со проблеми со менталното здравје. Последниот пат кога биле во контакт со Ван Рутселар била минатата година. Се дознава дека осомничениот претходно имал важечка дозвола за огнено оружје, но таа оттогаш е истечена.

На социјалните мрежи беше објавена постара фотографија од осомничениот како држи пушка, како и фотографија од него како го слави својот роденден.

Тамблер Риџ е рурална заедница лоцирана околу 670 километри североисточно од Ванкувер. Најпознат е по своите рудници за јаглен, но и по откривањето на фосили од диносауруси. Има околу 2.400 жители, а 160 ученици посетуваат средно училиште.

Нападот се смета за еден од најсмртоносните во земјата во последните децении.

ИЗДВОЕНИ