Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно е објавен списокот на сите лица и домаќинства што се стекнале со правото на субвенција.
Донесени се решенија за финансиска поддршка за следниве категории: домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или со длабока интелектуална попреченост; домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост; домаќинства со едно или со повеќе наполно слепи лица и домаќинства со едно или со повеќе наполно глуви лица.
Комисиите ја завршија постапката за увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и „ЕВН Македонија“. Согласно со резултатите, утврдени се корисниците што ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.
Од Министерството потсетуваат дека неплаќањето две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно со правилата на Програмата.
Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно со определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата што се соочуваат со енергетска сиромаштија, со фокус на лицата со попреченост и на корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоците за повторно приклучување, приоритетно отстранување дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период.












