Објавен романот „Ништо“ од Ханиф Курејши на македонски јазик

17

Романот „Ништо“ од современиот британски писател Ханиф Курејши, деновиве ќе излезе од печат на македонски јазик во издание на издавачката куќа „Или-или“. Преводот од англиски јазик е на Милан Дамјаноски, а објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

Во својот роман „Ништо“, Курејши го воведува читателот во светот на Валдо – пензиониран режисер прикован за кревет, чие секојдневие е исполнето со сомневања, горчина и саркастични размисли за животот, љубовта и предавството. Со ограничен физички простор, но бескрајно активен внатрешен монолог, Валдо се сомнева дека неговата сопруга има афера со неговиот поранешен пријател. Така започнува психолошка игра на манипулации, каде што читателот постојано се прашува: дали Валдо е жртва, или тој е вистинскиот манипулатор?

Романот е краток по обем, но содржински густ. Курејши, како и во своите претходни дела, не се воздржува од провокации – отворено зборува за телото, желбата и за немоќта, со стил полн со иронија и остроумие. Ништо тука не е пристојно: ниту карактерите ниту разговорите ниту мислите. Приказната е полна со театрални пресврти, злоба и груба искреност, а нараторот, очајнички духовит и опасно самосвесен, не дозволува да ја тргнете книгата од раце, посочува издавачот.

„Ништо“ е кратка, боцкава медитација за смртноста, исполнета со нихилистичка наслада. „Ништо“ е како шлаканица: болна, но тешко ќе ја заборавите, велат книжевните критичари.

Ханиф Курејши (1945) е британски романсиер, драматург и сценарист со пакистанско потекло. Во книжевноста влезе преку филмот и театарот; неговото сценарио за филмот „Мојата убава перална“ 1985 г. се здоби со бројни меѓународни награди. Негови најпознати дела се: „Буда од предградието“ (1990), „Црниот албум“ (1995), „Интимност“ (1998), „Телото“ (2003), „Нешто да ти кажам“ (2008), „Последниот збор“ (2014) и „Ништо“ (2017). Автор е и на збирки раскази, драмски дела и есеи. Ханиф Курејши се наоѓа на листата на 50 најзначајни британски автори по Втората светска војна.

ИЗДВОЕНИ