Oбјавен романот „Монтана“ од Александру Попеску

11

„Монтана“ е насловот на романот од современиот молдавски писател Александру Попеску, којшто неодамна го објави издавачката куќа „Македоника литера“. Романот, во преводот од романски јазик, е на Ирина Кроткова.

-„Монтана“ во молдавските и романските книжевни кругови е оценето како брилијантно дебитантско дело. Го отсликува егзистенцијалното патување на едно дете од Приднестровје кон западниот свет, условено од политичката реалност во регионот. Книгата е директна фреска од објективот на општествениот живот во Приднестровје меѓу два света од кои произлегуваат поединечни судбини, носејќи ги сите отпечатоци на ова искуство и сите знаци на осуда што централниот лик се обидува да ги надмине. Руско-советскиот свет низ кој поминал главниот лик Иван Жосан како дете, заедно со војната, сиромаштијата, оспоре­ниот идентитет и европскиот свет кој го прифаќа, веќе како новинар во Британија. Боледува од епилепсија, поради што е речиси невозможно да функционира професионално, па дури и како нормално човечко суштество. Станува речиси невозможно да се живее пристоен и исполнет живот. Ова е книга за метаморфозата на нормалноста, нејзиното осакатување, книга за силата на духот на својот пат кон избавувањето преку вредностите, сеќавањето и љубовта. Со динамична нарација авторот паралелно ги прикажува двата света на главниот лик – европскиот и, подоминантно, прид­нестровскиот свет. Ова е приказна која сугестивно, директно и искрено ја отсликува молдавската советска и постсоветска реал­ност, општествената преобразба и деградација, и човечките проклетства и судбини. Иако дебитантско, ова прозно дело остава впечаток на зрело и вешто изведено романескно остварување. Ова е роман – копнеж по нормалноста, за човечката силна волја за излез од безнадежноста, безизлезноста и очајот, за бегство од затворениот свет, посочува издавачот.

Александру Попеску е еден од најзабележителните млади автори во Молдавија. Роден е во 1987 година во градот Бендер (Тигина), Молдавија. Дипломирал комуникациски науки на Меѓународниот слободен универзитет во Молдавија. Неколку години работел како известувач за новински агенции и ТВ-станици во Кишињев. Член е на Сојузот на писателите на Република Молдавија (од 2023 година). Од 2017 година живее во Велика Британија. Своето книжевно деби го имаше во 2022 година со романот „Монтана“. Следната година, за книгата ги доби наградата „Деби“ на Сојузот на писателите на Молдавија, наградата за дебитантски настап во литературата на Општинската библиотека „Б. П. Хасдеу“ во Кишињев и наградата за литература на ТВ Журнал во Кишињев.

ИЗДВОЕНИ