Новоформираното Здружение на рекреативни риболовци, „Охридски Рибари“, заедно со концесионeрот на рекреативната риболовна зона „Охридско Езеро“, од идната седмица ќе почне со издавање дозволи за рекреативен риболов на езерото за 2026 година.
Како што се посочува во соопштението од Здружението, секој што сака рекреативно да лови риба во Охридското Езеро нема да мора да плаќа дополнителни трошоци како членарина за Здружението, туку само треба да си обезбеди дозвола во согласност со однапред презентираниот ценовник.
Рекреативната зона „Охридско Езеро“ го опфаќа македонскиот дел од Охридско Езеро, односно потегот од Свети Наум до селото Радожда, како и целиот слив на Охридско Езеро, и тоа каналот Студенчишта, Коселска Река, Велгошка Река, реката Черава и нејзините притоки, како и Сатеска со сите нејзини притоки. Спортски риболов не е дозволен на водната површина на езерото определено како риболовни зони, како што се изворите кај „Свети Наум“, како и заштитените зони во езерото на кои е забранет риболов со Закон.
На рекреативците ќе им бидат на располагање два вида дозволи и оние за риболов од брег и комбинирана за лов и од брег и од пловен објект, а цената варира зависно од времетраењето на дозволата.
За риболов од брег, таа се движи од дневна што чини 354 денари, преку тридневна – 708, месечна 2.065 и годишна, која чини 4.130 денари со вклучен ДДВ.
Дозволите за риболов и од пловен објект чинат 708 денари за еден ден, 1.298 за три дена, 2.655 месечна и 5.130 денари за една година.












