Владата го усвои ребалансот на буџетот за 2025 година во кои вкупните приходи се проектирани на ново од 362,4 милијарди денари, а вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари. И кај приходите и кај расходите има зголемување од околу еден отсто во однос на основниот буџет, односно за околку 3,5 милијарди денари, изјави Министерката Димитриеска-Кочоска. Растот на планираните средства, како што рече министерката на прес-конференцијата е разултат на зголемени неданочни приходи, административни такси, концесии, добивка од Народната банка и други неданочни приходи.
-На предлог на Министерството за финансии Владата го усвои преглог ребалансот на буџетот за 2025 година, кој ги следи основните приоритети на фискалната политика, а тоа е продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макороекономска стабилност и поттикнување развој. Вкупните приходи се проектирани на ново од 362,4 милијарди денари или за околу 1% повеќе во однос на буџетот, односно за околку 3,5 милијарди денари, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.
Растот на планираните средства е разултат на зголемени неданочни приходи, административни такси, концесии, добивка од Народната банка и други неданочни приходи.
-Проширување на самофинансирачките активности на институциите што ќе овозможи тековното работење и програмските приоритети наместо со целосно финансирање од буџетски средства, да ги финансираат со средства од сопствените приходи односно сметки, потенцира министерката.
Даночните приходи остануваат непроменети, ова како што рече министерката е резултат на остварените приходи по одобрената методологија која Владата ја користеше за проектирање и која придонела за помали отстапки помеѓу проектирањата и остварувањата.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари, што претставува раст од 1 отсто исто како кај приходите, односно за околу 3,5 милијарди денари.
-Со ребалансот се изврши релокација на средства меѓу буџетските корисници. Дообезбедивме средства за исплата на плати пред се на претставниците на Министерството за внатрешни работи, каде има раст на платите на вработените за 10 отсто. Исто така обезбедивме средства за раст на пензиите и 300 милиони денари за капитални расходи. Капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари, а измените се во насока на забрзување на реализација на проектите кои се покажаа како добри, рече Димитриеска-Кочоска.
Продолжува финансиска поддршка за општините за кои беа обезбедени 600 милиони денари, рече министерката и потенцираше дека инвестициите остануваат приоритет на Владата со цел да се поттикне економската активност и да се оствари економскиот раст.
-Со ребалансот не се ревидира стапката на економски раст која останува 3,7 отсто. Остварувањето на растот на БДП од 3,2 отсто во првиот квартал е јасен сигнал дека проекцијата е остварлива и реална. Очекуваме тој тренд да продолжи и во наредниот период поттикнат од зголемената домашна потрошувачка, зголемување на инвестициите во инфраструктура и енергетика и финансиска поддршка на инвестициската активност на домашните компании, рече министерката за финансии.
Инфлацијата која на почетокот на годината имаше нагорен тренд се очекува да се стабилизира и е проектирана на 2,8 отсто. Министерката се надева на примена на Законот за нефер трговски практики кои треба да спречи понатамошно зголемување на цените на прехранбените производи. Буџетскиот дефицит останува непроменет 41,3 милијарди денари или 4 отсто од БДП.
Министерката рече дека економската активност забрзува, продолжува дисциплинарниот пристап кон јавните финансии и кон јавниот долг. Показател за тоа е и намалувањето на јавниот долг во првиот квартал за 36 милиони евра.
На среден рок макроекономската стабилност се очекува да обезбеди среднорочна проекција на БДП од над 4,5 отсто и повисок животен стандард.
(А.С.)