Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди континуираната поддршка на Министерството за развој, заштита на природните вредности и одржливо управување со парковите.

– Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година Министерството обезбеди наменски средства за активности за заштита и промоција на националните паркови, што е јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој – истакна министерот Хоџа.

На средбата беше нагласено дека националните паркови претставуваат клучен столб во заштитата на природното наследство, како и важен двигател на одржлив туризам и локален економски развој.

Министерот Хоџа додаде дека Министерството ќе продолжи да ги поддржува националните паркови преку унапредување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет и координација со ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Ова ќе овозможи подобрено управување, заштита на биолошката разновидност и развој на зелена инфраструктура во парковите.

Националните паркови денес се повеќе од заштитени подрачја – тие се атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси, соопшти Министерството.

ИЗДВОЕНИ