АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) потпишаа клучни договори за реализација на проектот Ветерен Парк Богданци – втора фаза. Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од КфВ Развојна банка (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра.
Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 МW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 МW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија – што е доволно за задоволување на потребите на околу 6.000 домаќинства. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.
– Во согласност со утврдената временска рамка на проектот, подготвителните теренски активности и изградбата на потребната инфраструктура за прием, монтажа и приклучување на ветерните турбини кон електроенергетската мрежа ќе започнат ова лето. Овој процес треба да биде завршен за 13 месеци, по што ќе започне завршната фаза на монтажа на ветерните турбини, која се очекува да заврши во текот на летото 2027 година – изјави Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ кој со Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE ги пот пишаа договорите.