Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средба со Здружението на пензионери на Општина Центар информираше за проектите и за програмските активности за унапредување на животот на повозрасните граѓани во локалната самоуправа во 2026 година.
– Во буџетот за тековната година се обезбедени 15. 000.000 денари за активности и проекти наменети за нашите жители од третата доба. Целта е да им обезбедиме поздрав и поквалитетен живот, повеќе социјализација и континуирана грижа – истакна Герасимовски.
Во проектите наменети за пензионерите се опфатени: сервис за стари лица, итно копче (24/7 медицинска поддршка), бесплатен превоз до здравствените установи, сезонски екскурзии во сите годишни времиња, настаните „Носталгија за корзото – сеќавање на едно убаво време“ и „Пензионерски спортски игри 2026“, потоа застапеност на предметот домаќинство во образованиот процес, во соработка со пензионерите, како и поддршка на пензионерите во социјален ризик.
– На состанокот, претставниците на центарското пензионерско здружение го поздравија ангажманот на Општината и ја потврдија својата вклученост во дел од активностите планирани за годинава – соопштија од Општина Центар.
Оттаму информираа дека според статистиката, околу 20 проценти од населението во Општина Центар е на возраст над 60 години, што ја потврдува потребата од овие мерки со кои се промовира витална и активна старост на повозрасните жители во локалната самоуправа.












