Поранешниот американски претседател Барак Обама денес на шега изјави дека „вонземјаните постојат“, но ги отфрли теориите на заговор дека тие се кријат во воената база Област 51 во американската држава Невада, додека во исто време, според најновите анкети, речиси половина од граѓаните на САД веруваат дека федералната влада крие докази за неидентификувани летачки објекти.
Во разговор со подкастерот и јутјубер Брајан Тајлер Кејн, кој се одвиваше во форма на брза сесија со прашања и одговори, Обама одговори потврдно на прашањето дали вонземјаните постојат.
„Тие се реални, но јас не сум ги видел. Тие не се во Област 51. Нема вонземски објект, освен ако не постои огромен заговор што го криел тоа од претседателот на Соединетите Американски Држави“, рече Обама со смеа.
Кога беше прашан што е првото нешто што сака да разјасни откако ја презеде функцијата претседател на САД, Обама со насмевка одговори дека сака да открие каде се вонземјаните.
Темата за постоењето на вонземски живот повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешните сослушувања во Конгресот на САД за неидентификувани аномални феномени (UAP), попознати како НЛО.
Според американскиот „Хил“, во текот на 2024 година, се одржаа и сослушувања во врска со извештаите на информаторите за наводни тајни НЛО програми.
Според анкетата на јавното мислење од 2025 година, речиси половина од Американците веруваат дека федералната влада крие докази за неидентификувани летачки објекти.
Министерството за одбрана на САД објави дека повеќето пријавени видувања на НЛО може да се објаснат како авиони, балони, дронови или метеоролошки феномени.












