Земјотрес со јачина од 6,0 степени денес го погоди полуостровот Камчатка на Далечниот Исток на Русија, соопшти Главната дирекција на руското Министерство за вонредни ситуации за регионот.
„Според огранокот на Геофизичката служба на Руската академија на науките во Камчатка, забележителен потрес по сеизмичкиот настан од 30 јули е регистриран во Тихиот Океан попладнето на 8 декември“, соопшти службата, објави „РИА Новости“.
Епицентарот на земјотресот бил на отворено море на Тихиот Океан, на длабочина од 15 километри, 211 километри југоисточно од градскиот округ Петропавловск-Камчатски.
Не е издадено предупредување за цунами, но е пријавена мала материјална штета.
Зградата на Централната окружна болница Северо-Курилска во регионот Сахалин е оштетена, каде што пукнала цевка за греење, пренесува „Танјуг“.
Земјотресот што го погоди регионот на 30 јули беше еден од најсилните од 1900 година, со магнитуда од 8,8 степени според Рихтеровата скала, потсетува РИА, додавајќи дека оттогаш научниците секојдневно бележат последователни потреси.












