Њусом го предизвикува Трамп: Гувернерот на Калифорнија најави можна претседателска трка!

99

Демократскиот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом, кој се појави како еден од најистакнатите противници на претседателот Доналд Трамп, вчера изјави дека би размислил да се кандидира за претседател на САД, по изборите кои се одржуваат на половината од претседателскиот мандат во 2026 година.

Њусом, чиј мандат како гувернер истекува во јануари 2027 година, по што не може повторно да се кандидира поради ограничувања на мандатот, додаде дека одлуката дали да се кандидира на националните избори во 2028 година е сè уште далеку, објави CBS News.

„Судбината ќе одлучи за тоа“, рече тој во интервју за мрежата.

Тој додаде дека дискусијата за можна кандидатура за претседател, по предизвиците со кои се соочил во животот, вклучително и борбата со дислексија, го потсетува дека животот може да го однесе во изненадувачки насоки.

„За некој што отсекогаш седел во задниот дел од училницата, борејќи се да прочита учебник, самото поставување прашање за кандидирањето е извонредно“, рече Њусом.

Тој додаде дека сега е фокусиран на усвојување на Предлогот 50 во Калифорнија, амандман на гласање што ќе биде на гласачкото ливче на 4 ноември 2025 година, што би ги променил границите на конгресните окрузи во државата. Доколку амандманот помине, гласачите ќе го имаат последниот збор дали да користат нови граници нацртани од законодавното тело, наместо оние нацртани од независна комисија, за сите избори до 2030 година.

Ако гласачите кажат „да“ на Предлогот 50, тоа ќе ѝ овозможи на Калифорнија привремено да користи нови конгресни окрузи нацртани од законодавното тело на државата, наместо оние нацртани од Независната комисија за прераспределба.

„Мислам дека станува збор за демократијата и иднината на оваа република“, рече Њусом, додавајќи дека владеењето на правото е клучно. Тензиите се зголемуваат пред гласањето за Предлогот 50, при што двете партии го сметаат неговиот исход за клучен за освојување мнозинство во Претставничкиот дом следната година, наведува CBS News.

Њусом привлече големо внимание минатата година кога се појави како цврст бранител на тогашниот претседател Џо Бајден, особено по неговиот слаб настап во дебатата со Трамп, што доведе до тоа многу демократи да побараат тој да се повлече од трката. Според извори блиски до Њусом и Бајден, двајцата останале во контакт откако поранешниот претседател ја напушти Белата куќа, наведе Си-Би-Ес.

Гувернерот на Калифорнија е исто така близок со поранешниот претседател Барак Обама, кој ја понуди својата поддршка за кампањата за усвојување на Предлогот 50, наведе телевизиската мрежа.

ИЗДВОЕНИ