Уште еден случај на дискриминација кој го објави надлежната Комисија потврдува дека, во земјава, стереотипите се длабоко навлезени во заедницата во која работиме. Станува збор за хигиеничарка во едно училиште од внатрешноста, која со месеци трпела навреди, пцовки и закани по работното место од нејзиниот шеф. Жената од Албанија, која била омажена во Македонија, не само што била навредувана по етничка линија – ѝ се обраќал со „нусе“ туку и морала да слуша и да преживува сексистички навреди од типот „уба си“ и „лична“. Жената, според претставката што ја испратила во Комисијата за заштита од дискриминација, пријавила кај директорката во училиштето кога колегата претерал, не ѝ ги давал клучевите од просториите каде што требала да чисти и не ѝ дозволувал паузата да ја поминува во собата на персоналот. Службата формирала комисија за помирување и според информациите од КЗД, тој веќе не ѝ е претпоставен и таа не одговара за работата пред него. Освен барањето за поведување прекршочна постапка пред суд, од Комисијата му препорачуваат на пријавениот да ѝ се извини на колешката и во иднина да се воздржи од вербални напади.
Жената е една од малкуте која се охрабрила и го пријавила малтретирањето на работно место. Уште повеќе што станува збор за државна институција од внатрешноста, каде што полесно може да се дејствува од позиција на моќ, партиско или непотистичко влијание, велат од Комисијата за заштита од дискриминација. Жените што на работното место трпат навреди поттикнати од родова или од етничката припадност треба да пријават вознемирување на работно место, вели претседателот Душан Томшиќ. Комисијата лани утврдила и постапувала по 10 претставки за дискриминација на работните места или при вработување. Случаите се забележани и од приватниот и од јавниот сектор.
Во истражувањето направено од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Македонија, на тема насилство на жената на работното место, за чии потреби биле анкетирани вкупно 809 жени на возраст од 15 до 64 години, секоја втора испитаничка изјавила дека претрпела одреден вид психичко вознемирување. Имено, 462 вработени жени (57 %) одговориле дека се соочиле со психичко вознемирување на работното место. Како најзастапено вознемирување го посочиле вознемирувањето на сметка на личниот углед и репутацијата, односно критикување од страна на претпоставениот за донесените одлуки. Потоа следува клевета, односно пристрасно оценување на работните постигнувања, следно по застапеност е исмејување, имитирање на начин што довел до рушење на угледот, реномето и честа. Дискриминацијата, според ова истражување, најчесто доаѓала директно од претпоставениот раководител на возраст од 41 до 50 години. Според резултатите 60,6 % од жртвите на мобинг презеле некакво дејство, односно реагирале на одреден начин, а за разлика од нив 39,4 % од жртвите не направиле никаква реакција. Тие што не реагирале, најчесто навредите ги примале како шега на нивна сметка. Најчесто, жртвата пријавувала вознемирување кај работодавачот, а ретко кога се одлучуваат да тераат по институционален пат. Од добиените податоци може да се заклучи дека жените жртви на мобинг пријавиле дека во најголема мера трпат емоционални и психолошки последици. (П.А.)












