Со цел да се стимулираат младите да останат во државата, Општина Гази Баба прва почна со мерка што директно им помага на младите семејства. Младите брачни двојки до 35 години се ослободуваат од плаќањето комуналии за изградба на куќа.
– Иако првично оваа мерка беше наменета за лицата до 29 години, по детална анализа и препознавање на реалните потреби на младите, ја зголемивме границата до 35 години, со цел да опфатиме повеќе семејства што сакаат да градат сопствен дом – објави на социјалните мрежи градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Ова право може да го остварат лицата што имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето, што се жители на Општина Гази Баба, што го градат, доградуваат или надградуваат првиот дом во нивна сопственост. Услов е и објектот да се гради исклучиво за лични станбени потреби. Исто така, комплетната техничка документација што ќе ја достават да биде согласно со Законот за градење и притоа ќе треба да потпишат изјава дека ќе го користат објектот за сопствено домување најмалку 10 години.
– Ги стимулираме младите да останат овде, во нашата општина, да создадат свој дом, своја иднина и своја приказна токму во Гази Баба. Кога градат младите дом тука, и ние градиме посилна, посигурна и подинамична општина. Им помагаме на младите брачни двојки, ги растоваруваме од голем финансиски трошок и им овозможуваме полесно да го направат најважниот чекор – создавање сопствено семејно огниште – вели Стефковски.












