Генералниот секретар на Организацијата за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBTO), Роберт Флојд, денес изјави дека секој експлозивен нуклеарен тест би имал штетни последици за глобалните напори за спречување на ширењето на нуклеарно оружје, како и за меѓународниот мир и безбедност.
Во соопштението издадено откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ нареди на американската војска веднаш да продолжи со тестирањето на нуклеарно оружје, Флојд рече дека е свесен за изјавите што укажуваат на растечка загриженост за можни нови тестови, објави Ројтерс.
„Секој експлозивен нуклеарен тест од која било држава би бил штетен и дестабилизирачки за глобалните напори за спречување на ширењето на нуклеарно оружје и за меѓународниот мир и безбедност. Системот за следење на CTBTO е подготвен да открие секој таков тест и да им обезбеди податоци на државите-страни на Договорот за забрана на нуклеарни тестови (CTBTO)“, нагласи Флојд.












