Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денес предупреди дека може да биде неопходна масовна евакуација на Блискиот Исток, доколку дојде до напад врз цивилни нуклеарни централи што би довело до ослободување на радиоактивни материјали.
Отворајќи го кварталниот состанок на администрацијата на МААЕ во Виена, Гроси призна дека има „силно чувство на фрустрација“ бидејќи неодамнешните преговори меѓу САД и Иран не успеаја да постигнат договор за нуклеарната програма на Иран, објави британскиот Гардијан.
Гроси присуствуваше на разговорите меѓу Иран и САД, обезбедувајќи техничка помош.
На состанокот на администрацијата на МААЕ, директорот на таа агенција на ОН рече дека дипломатијата е тешка, но не и невозможна, дека употребата на сила отсекогаш била присутна во меѓународните односи, но дека, иако е реалност, таа е најмалку пожелната опција.
„Сè уште сум убеден дека решението за ова долгогодишно недоразбирање лежи на преговарачката маса“, истакна Гроси и повтори дека дипломатијата е тешка, но никогаш невозможна.
Според него, дипломатијата во нуклеарните прашања е уште потешка.
„Не е прашање дали ќе се вратиме на преговарачката маса, туку кога ќе се вратиме заедно. Само треба да го направиме тоа што е можно поскоро“, рече Гроси, пренесе Гардијан.
Зборувајќи за влијанието на сегашните борби низ Блискиот Исток, Гроси предупреди дека не може да се исклучи можноста за ослободување на зрачење со сериозни последици, вклучително и потребата од евакуација на големи области.
„Дозволете ми да нагласам дека ситуацијата денес е многу загрижувачка. Иран и многу други земји во регионот кои се предмет на воени напади имаат оперативни нуклеарни централи и реактори за нуклеарни истражувања, како и придружни капацитети за складирање гориво, што ја зголемува заканата за нуклеарната безбедност“, рече Гроси.
Тој рече дека Обединетите Арапски Емирати имаат четири оперативни нуклеарни реактори, а Јордан и Сирија имаат оперативни реактори за нуклеарни истражувања.
„Бахреин, Ирак, Кувајт, Оман, Катар и Саудиска Арабија исто така беа нападнати. Сите тие земји користат нуклеарна енергија на некој начин. Затоа повикуваме на максимална воздржаност во сите воени операции“, рече Гроси.
Гроси, исто така, рече дека напорите за контактирање на иранските нуклеарни власти продолжуваат, но дека досега нема одговор.












