Новото правило не донесе ништо во Монте Карло: Верстапен го чекаше последниот круг и загуби од Норис

372
EPA-EFE/YOAN VALAT

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, победи на трката за Големата награда на Монако, што е негова втора победа сезонава во Формула 1. Норис од саботата успеа да ја потврди „пол“ позицијата, а профитираше и од новото правило дека на улиците на Монте Карло е неопходно сите возачи да менуваат гуми најмалку два пати.

Поради ова, Макс Верстапен чекаше до последниот круг за по втор пат да оди во „боксот“, а потоа Ландо Норис конечно го заобиколи и прв ја мина целта.

На крајот втор целта ја мина Шарл Леклер од Ферари, а трет на подиумот е уште еден Мекларен – лидерот во шампионатот Оскар Пијастри. По две трети места за Австралиецот, сега разликата меѓу него и Норис е само три бода.

Макс Верстапен заврши на четвртото место и остана трет во генералниот пласман со 136 бодови. Што се однесува до трката во Монте Карло, во бодовите завршија Луис Хамилтон (Ферари), Исак Хадар (РБ), Естебан Окон (Хас), Лиам Лосон (РБ), Алекс Албон (Вилијамс) и Карлос Саинц (Вилијамс).

Формула 1 караванот веднаш се сели во Шпанија, каде што следниот викенд возачите ќе се тркаат во Барселона, на познатата патека Барселона-Каталуња, која ветува дека ќе биде уште една возбудлива рунда од сезоната.

ИЗДВОЕНИ